Царина: Вршиме контрола на сулфурот во мазутот, за другите параметри одговорни се инспекторатите

Царината на РСМ денеска соопшти дека нејзината лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот при внесувањето на мазут во земјава. За проверка на другите карактеристики на мазутот, според Царина, одговорни се Државниот пазарен инпекторат и Државниот инспекторат за животна средина. Нивната реакција следува по случајот со увозот на отпадно масло забрането за употреба во ЕУ, кое беше откриено пред десетина дена, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави краток документарец на темата.

„Првенствена контрола на Царинската управа е контрола на фискалниот аспект на нафтените деривати, односно правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акцизата, како и правилно утврдување на царинската вредност“, се наведува во нивното соопштение.

Тие додаваат дека во процесот на царинење на мазутот, основна функција на Царината е да утврди првенствено дали декларираниот мазут навистина претставува мазут или пак претставува некој друг вид на масло за горење.

Оттаму велат дека во периодот 2018-2020 година откриле низа обиди за погрешно и неправилно пријавување на стоките, со цел плаќање на помали увозни давачки.

„Кај сите увозници се извршени дополнителни наплати и прибрани значителни финансиски средства“, информираат од Царината.

Во оваа постапка, тие ги користеле и услугите на сопствената царинска лабораторија, чија основна функција е анализа на фискалните параметри на нафтените деривати, со цел правилно полнење на буџетот на државата.

„Сепак, освен количеството на сулфур, за проверката на другите карактеристики за квалитет на мазутот, надлежни институции се Министерството за економија-Државен пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина“, велат од Царината.

Инаку, како што тврди документарецот на ИРЛ, огромни количини на отпадно масло биле увезени во земјава во 2018 и 2019 година преку неколку домашни компании и декларирани како мазут. Тие завршиле како гориво во големи компании како „Еуроникел“ од Кавадарци, „Брако“ од Велес, но и во Министерството за одбрана и во седум државни болници и родилишта.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …