Ги повикувам сите кои е загрижени по однос на прашањето дека се планира некакво бришење на делови од историјата која се изучува во основното образование, да ја отворат новата специјализирана интернет страница посветена на реформите во базата на националниот образовен систем – osnovnoobrazovanie.mon.gov.mk и таму да ја прочитаат наставната програма за четврто одделение по историја. Ќе видат дека сите историски моменти кои ученикот досега ги учел во петто одделение, сега ја спуштаме таа материја да се изучува во пониско одделение. Ќе видат и дека во програмата има Македонци, македонска нација, македонска држава, македонски јазик.
Ова го истакна министерката за образование и наука за време на интервјуто за ТВ Тера од Битола, како одговор на прашањето дали е точно дека со актуелните образовни политики на владата се помага во решавање на спорот со Бугарија, преку задоволување на сите барања на соседната земја.
„Борбата со лагите е тешка борба и затоа сум јас транспарентна и присутна секаде, одговарам на секое прашање и преку МОН ги информиравме родителите со одговори на сите прашања, кои на број се околу 30тина што се појавија во изминатиот период како дилеми. Значајно е луѓето да имаат точна информација. Нашата борба продолжува, затоа што и тие кои имаат потреба да шират лажни вести се исто така моќни и многу финансиски средства трошат на истото за да создадат негативно мнение за секоја промена“, рече Царовска, повикувајќи ги граѓаните да ги следат вистинските информации од релевантни извори, алудирајќи првенствено на информациите кои редовно ги објавува Министерството за образование и наука.