ЦЕА: Ковид-19 ги намали приходите на општините за 18 отсто

Сопствените приходите на општините во првите три квартали од 2020 година се намалиле за 18 отсто споредено со претходната година во истиот период, и се пониски за 1,5 милијарди денари (24,6 милиони евра), покажува студијата на Центарот за економски анализи (ЦЕА) во која се дава преглед на импликациите врз јавните финансии на единиците на локалната самоуправа во првите три квартали од 2020 година.

Падот на приходите е предизвикан од пад на прибраните приходи од даноци на имот, даноци од специфични услуги и вршење на дејност.

„Пандемијата ковид-19 донесе таканаречена „нова“ реалност, нов начин на функционирање прво на секојдневниот живот на граѓаните, а потоа и на граѓаните како економски агенти, па оттука и  функционирање на локалните власти не се исклучок од ваквата ситуација. Ова особено, бидејќи локалната власт т.е. општините се најблиску до граѓаните и се во „првата линија“ за давање на одговор на кризата со ковид-19. Општините беа и сè уште се сведоци на финансиските потешкотии при обидот да одговорат на итните потреби на граѓаните, а истовремено да обезбедат континуитет во давањето на услуги на граѓаните во кризни ситуации“, се вели во студијата.

Од ЦЕА укажуваат дека системот на меѓувладини трансфери ги адресирал промените во приходите кај општините предизвикани со ковид-19 пандемијата преку интервенција со уредбата за распределба на трансферите од данок на додадена вредност.

„Со носење на уредбата за промена на начинот на распределба трансферите од ДДВ за следната 2021 година, приходите планирани за следната година нема да претрпат значителни промени“, посочуваат од ЦЕА.

Оттаму додаваат дека и покрај ефектите од ковид-19 врз финансиите на општините, кумулативно за сите 81 единици на локалната самоправа нема дополнителна потреба за задолжување поради значителните заштеди од нереализираните капиталните расходи од капиталните планови на општините.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

АЕТМ во соработка со ГИЗ ќе гради регионална платформа со релеванти податоци и ресурси за поддршка на бизнисите во е-трговија во Западен Балкан

По успешно лансираната платформа Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со поддршка …