ЦИВИЛ: Државната изборна комисија не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски

ЦИВИЛ: Државната изборна комисија не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски

ЦИВИЛ ја алармира јавноста и го потсетува Собранието на Република Северна Македонија дека имаат обврска да носат одлуки со кои се штитат интересите на граѓанките и граѓаните.

Денешната собраниска седница за утврдување на новиот состав на Државната изборна комисија што треба да добие двотретинско мнозинство, на листата за претседател на оваа исклучително важна институција го има предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Даштевски.

Познато е дека Даштевски е поранешен претседател на Комисијата за заштита од дискриминацијата. За време на неговото раководење со оваа институција, Комисијата беше мртва, со исклучок на случаите кога требаше да се одбранат дискриминаторските и криминалните постапки на режимот на Груевски. Даштевски е човек од првите редови на режимот на Груевски.

Меѓу другото, тој беше сведок на одбраната на бегалците Грујовски и Бошковски, поранешни началници во Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинети во предметите на СЈО „Таргет“ и „Тврдина“.

Основниот суд Скопје 1 Скопје во 2018 поведе иницијатива за негово разрешување од претседателското место во Комисијата за заштита од дискриминација поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Даштевски е еден од најревносните бранители и поддржувачи на режимот на Груевски, за кого се смета и дека му обезбеди „правен“ простор на Груевски да избега од земјата.

Без оглед на „аргументот“ дека е поранешен член на ДИК (2006 година), Даштевски е сѐ, само не релевантен и добар предлог за член, а уште помалку за претседател на ДИК. Имајќи предвид дека се започнати сериозни реформи во изборниот систем, а ДИК е една од клучните институции во тој процес, гласањето за Даштевски како претседател на ДИК не претставува ништо друго, туку сигнал дека реформските процеси се осудени на пропаст.

ЦИВИЛ јавно го изнесува ставот дека со избор на луѓе со профил како Даштевски ќе се зададе силен удар врз демократијата, а со тоа и врз процесот на изборните реформи и негативно ќе влијае врз легитимноста на изборните процеси.

Препорака на ЦИВИЛ со години наназад е дека ДИК мора да се реформира, при што ќе се создадат законски решенија за избор на негови членови кои ќе носат законити и легитимни одлуки во спроведувањето на изборните процеси и чија функција ќе биде во насока на максимална заштита на правото на глас, а не заштита на партиските интереси. 

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …