D-moll за Панонскиот морнар

D-moll за Панонскиот морнар

Зоран Милошески

Сеќавања…

Таа топла септемвриска ноќ 1992 година, скопска „Универзална“ беше полна како око. Повод – концертот на Ѓорѓе Балашевиќ, како дел од големата југословенска турнеја со која „Панонскиот морнар“ ја одбележа 10-годишнината од својата соло кариера. Покрај него, за заокружување на комплетниот впечаток, на сцената десетина музичари – сите до еден мајстори на својот занает.

За мене, како за некој кој штотуку зачекорил во музичкото новинарство и дошол на концертот со цел некако…без конкретен план како… да направи интервју со Балашевиќ, 120-минутната програма и неколкуте бисови поминаа за час. Она што потоа следуваше беше потешкиот дел од работата: да се стигне до ѕвездата на вечерта и да се реализира намерата. Притоа, знаејќи дека еден сега непостоечки медиум го имаше ексклузивното право на интервју. Тој и ниеден друг.

Во моментите која најголемиот дел од публиката веќе ја напушти салата, а техничарите на сцената беа насочени кон собирање на инструментите, озвучувањето и сценографијата, како крадец-почетник, неодлучно и уплашено поминав помеѓу нив и за миг се најдов во ходникот со гардероби. Во првата од нив, на првата столица до вратата – Балашевиќ.

Пред авторитетот на музичкиот идол чии текстови во секој дел од денот и ноќта ги знаев наизуст, вдолж и попреку, по секој можен редослед и правец, јас и моите 28 години изгледавме збунето и импресионирано како дете во продавница за играчки. Едвај изустив едно несигурно „здраво“, но сепак доволно за почеток на конверзација.

  • О, здраво. Со кое добро овде?
  • Па…дојдов да направам интервју со вас… ако може?
  • Интервју?
  • Да, интервју.
  • А за кој медиум?
  • За радио „Соник“. Локално радио од Прилеп.
  • Од Прилеп, велиш? Дојде од Прилеп само за да направиш интервју со мене?
  • Дојдов. Само заради тоа.
  • А дали знаеше дека освен едно договорено интервју, не смеам да давам никакви изјави за други медиуми?
  • Знаев.
  • Знаеше? И сепак дојде? Од Прилеп?
  • …..
  • А, чекај да те прашам…како успеа покрај сето обезбедување да стигнеш овде, зад сцена?
  • Не знам….тргнав наваму, никој не ме запре и…стигнав.
  • Е па, мајсторе, кога си поминал толку километри, кога и покрај се’ си бил упорен во намерата… не би те одбил, па нека пукне кај и да пукне! Седи овде и прашувај се’ шо те интересира.

Ако тоа беше првиот показател за човечката димензија на Балашевиќ, вториот, кој дојде само некоја минута подоцна, беше само потврда на претходно кажаното.

Кога концептот за интервјуто го имате во главата, но не и на хартија, и особено ако зад вас немате пристојна професионална „километража“ која ќе ви влева дополнителна сигурност и самодоверба, тогаш лапсусот е нешто на кое секогаш треба да сметате. И…се случи.

На самиот почеток на интервјуто, потенцирајќи го поводот за неговата турнеја, се измешаа бројките, па во прашањето неговата 10-годишна кариера, од нигде никаде, од мене доби 5 години „бакшиш“.

„Па добро, не се 15 години, 10 се, но веројатно заради интензитетот, заради повеќето албуми и големиот број на концерти кои ги одржав во овој период, изгледаат повеќе“, ја „извади“ Балашевиќ ситуацијата и интервјуто продолжи како ништо да не се случило.

Тоа беше тоа! Можеше да ме „закопа“ со одговорот, да го скрати или прекине интервјуто, да дава одговори со кои дополнително ќе ме исфрли од колосек… Но, не го направи тоа, напротив! Тој, без да знае, одбра да ме поддржи и охрабри во, за мене, најважниот момент – првото големо интервју со музичка ѕвезда од таков калибар. За што бев и секогаш ќе му бидам бескрајно благодарен.

16-минутното интервју, надополнето со дел од неговите хитови, го здогледа светлото на денот веќе утредента. И, ден потоа, во радиото пристигна петиција потпишана од поголем број слушатели, со желба емисијата да се репризира. Што, се разбира, и се случи. Прв и последен пат во радио „Соник“.

Следната средба со Балашевиќ дојде побрзо од сите очекувања. Само два месеца подоцна, во Домот на културата во Прилеп.

Иако зимата официјално уште не беше почнала, вечерта беше камен ладна. Се сретнавме зад сцената, пред самиот почеток на концертот. Во раката држеше чаша со некој густ овошен сок. Беше настинат, но сепак насмеан и, како и секогаш, бескрајно позитивен.

  • Еј, мајсторе. Тука си?
  • Тука. А каде би бил ако не овде?
  • Вечерва нема интервју?
  • Нема. Последното уште се памти.
  • Ладно е, а и не сум баш “фит“. Ама, ќе биде добар концерт.
  • Ќе биде, секако. А кога не бил?

Разговаравме уште некое време. Меѓу другото и за еден од првите концерти во неговата соло кариера. Одржан 10 години порано, во спортската сала „Мостонга“ во Сомбор, каде во некогашната Југославија го служев војниот рок. Специјален концерт само за припадниците на ЈНА, кој јас, се разбира, по ниедна цена и за ништо на светот, не смеев да го пропуштам.

Тоа беше втората и, ќе се покаже, последната тет-а-тет средба со Балашевиќ. Жалам што никогаш не стигнав да му се заблагодарам за ветрот во едрата во таа волшебна скопска ноќ. Ветер кој ја исцрта насоката по која понатаму ја градев мојата кариера. Поддршка без која, веројатно, ништо немаше да биде исто.

Никогаш не стигнав да го прашам ниту за Васа Ладачки, ниту за Мирка. За Матурската слика на таблото во излогот на локалното корзо, За третата смена и за Новите „клинци“. Не дознав зошто Не го сака јануари, дали навистина Некој од горе гледа се’, за Ноќта кога Тиса надошла, за небото над Галиција…

Животот си има свои правила кои ги пишува без да не’ праша за мислење. Плете приказни во различни бои.

Животната приказна на Ѓорѓе Балашевиќ заврши минатата 2021 година, на денешен ден, 19 февруари. Но, неговите стихови под наслов „Порака до човештвото“, напишани уште како ученик во IIа клас во Гимназијата „Светозар Марковиќ“ во Нови Сад, звучат како пророштво:

„Ќе се родам јас повторно,

не сум од оние

кои еднаш засекогаш умираат.“

За човекот со срце како планина…

За вечниот романтичар…

За мајсторот кому зборовите му беа играчки…

Свирете D-moll за Балашевиќ!

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …