Д-р Александар Стојанов: И вакцинираните лица да избегнуваат собири

Д-р Александар Стојанов: И вакцинираните лица да избегнуваат собири

Вакцината штити од ковид и со неа е многу полесно да се функционира. Минатото лето немавме вакцина, а сега кога ја имаме, нема голем интерес за неа. Она што е многу важно е граѓаните да се вакцинираат, па и децата постари од 12 години, вели д-р Александар Стојанов, епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје и поранешен член на Комисијата за заштита од заразни болести.

Тој за „Мета“ вели дека и вакцинираните лица треба да внимаваат на себе и на тоа каде се движат.

„Луѓето треба да се вакцинираат, но во исто време и да избегнуваат да се движат во гужви. Видете што се случува, не е дозволиво да има свадби, концерти, олимписки игри, финалиња во европски фудбал, Вембли. Недозволиво е да има масовни собири. Сега овде постојат два фронта, едниот е економскиот, другиот е здравствениот. Според моите информации, Комисијата за заштита од заразни болести уште пред три недели ги има дадено истиве препораки, но Кризниот штаб во Владата не сакаше да ги усвои. Дојдени се гастербајтери кај нас, се организираат свадби, а дали ќе има болни – не беше важно. Сега, бидејќи сме во фаза кога веќе нема играње и бидејќи очигледно не е доволна вакцинацијата, мораше да се усвојат овие мерки и рестрикции“, вели Стојанов.

Како што тој додава, само со над 80 отсто вакцинирано население, можеме да зборуваме за колективен имунитет.

„Со примена вакцина е многу полесно да се функционира. Сега, она што е услов, е да се примат вакцините, односно да се стаса до 80 отсто вакцинирани лица, кои ќе имаат антитела. Треба да се вакцинираат и младите над 12 годишна возраст. Кина има една милијарда и седумстотини милиони вакцини дадено досега и ете, продолжува да вакцинира“, вели Стојанов.

Според него, дури и вакцинираните лица треба да внимаваат и да не одат по концерти и на настани каде што има многу луѓе.

„Од над 400.000 вакцинирани лица кај нас, 167 само се разболени. Но останатите се заштитени. Затоа потребна е вакцината, колку што е потребно и почитувањето на мерките. И со примена вакцина треба да се почитуваат мерки. Да не се оди таму каде што нема потреба. Ако на пример, има многу луѓе кои чекаат ред за лични карти, да се оди друг ден кога ќе нема ред, а не да се стои таму по секоја цена“, додава епидемиологот.

Пред два дена Владата усвои нови мерки кои ќе стапат на сила од втората половина на август. Од 16 август целосно се забрануваат секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено, а од 15 август се воведува задолжителна потврда за вакцина, најмалку прва доза при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни.

Од 16 август се воведува и задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …