Во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, а по повод 4.Декември, Денот на лицата со телесен инвалидитет, денеска во Прилеп се одржа работилница на тема „Да ги премостиме архитектонските бариери. Пристапна Македонија“. Организаторите на настанот ги посочија активностите кои ги преземаат, во насока на носење законски измени за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет.

„На овој ден сплотени и достоинствено се обидуваме да ја подигнеме јавната свест за потребите на лицата со телесен инвалидитет. Оваа година многу напорно работевме на две теми: пристапност и ортопедски помагала. Во тек е носење на Закон за градење, каде од страна на нашиот Сојуз во континуитет се работи со Министерството за труд и социјална политика, преку сугестии и теми да се подобри текстот на законот за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет, бидејќи архитектонските бариери се основна пречка за целосна социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет“, посочи Бранимир Јовановски – претседател на Мобилност Македонија.

Според градоначалникот Илија Јованоски, Општина Прилеп се стреми кон подобрување на условите за живот на лицата со телесен инвалидитет.

„4.Декември, Ден на лицата со телесен инвалидитет, има за цел промовирање на правата на оваа категорија на лица, во насока на нивна еднаквост и поголемо разбирање за нивните потреби и проблеми. Нашата цел е да се подобрат благосостојбата и квалитетот на животот на овие лица, во сите сфери на општественото живеење. Одбележувањето на овој ден има за цел да го сврти вниманието и да ја зголеми свеста кај сите нас присутни овде за потребите и проблемите со кои се соочуваат овие лица. Сето тоа со цел посветено и одговорно да работиме на разбивање на бариерата, заеднички да се избориме со предрасудите, да создадеме услови и можности за нивна поголема самостојност и независност, а со тоа и нивна поголема инклузија во општеството и нивно активно учество насекаде“, истакна градоначалникот Јованоски.

Лицата со телесен  инвалидитет и натаму се судираат со проблеми, и покрај тоа што членовите  на  здруженијата кои работат на оваа проблематика, имаат партнерски однос со институциите на државата. На денешната работилница беа потенцирани најголемите проблеми со кои се соочуваат овие лица, меѓу кои како најголеми беа издвоени недостигот на гинеколошки и стоматолошки столчиња, архитектонските бариери и проблемите при вработување.