Денеска пред платото на Градскиот саат во Прилеп, се одржа прес конференција по повод отворањето на изложбата на фотографии со алати и производи, што ги произведува се’ уште прилепскиот еснаф, а која ќе биде отворена во четврток, 10 октомври во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

„Станува збор за изложба со наслов ‘Да ги зачуваме старите занаети за Прилеп’, која што е дел од истоимениот проект што јас заедно со моите пријатели, ентузијасти, вљубеници во Прилеп Александар Десоски и Менде Младеноски, го работиме упорно, со задоволство, со љубов, за чаршијата, за еснафите и за градот. Целта на оваа поставка е граѓаните, луѓето кои што постојано со години, со децении, работат во дуќаните да ги овековечиме, да пренесеме порака дека во еснафски Прилеп, не само низ вековите туку и денес се уште живеат еснафите, занаетите. Денеска со мене се: одржувачот на механизмот на градскиот часовник Димитар Чучуроски и еден од последните јорганџии, Благоја Николоски- Дрндачот. Прекарот го носи по тоа дека дрндалото е една од двете алатки кои се користат за тој стар начин на подготвување на изработка на јоргани, кои биле задолжителни во чеизот на една невеста. Ќе има 36 фотографии изложени во Центарот за култура. Занаетчиите покажаа добра волја, желба и интерес да изложат дел и да ни дадат да изложиме дел од нивните алатки, дел од нивните производи“, истакна Моника Талеска, автор на книгата „Старите занаети во Прилеп“.

Изложбата е дел од проектот „Да ги зачуваме старите занаети во прилепската чаршија“, што се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура, во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“.