Од голема важност за успешно затворање на случајот е iдонесување на законот за води и нов закон за природа и донесување на акциски план за балканскиот рис
Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција уште еднаш побара да се раскинат сите концесии за мали хидроцентрали во Националниот парк Маврово. На последната седница беше нотирано дека земјава не ги почитува доследно нивните преораки бидејќи иако концесиите за Жировничка 5 и 6 беа откажани, одлуката за конечно раскинување на нивните договори не е донесена. Концесијата за хидроцентралата Рибничка, пак, сѐ уште не е раскината. Наспроти препораката, Владата во минатиот месец ги продолжи и концесиите за неколку нови хидроцентрали, од кои една е во границите на националниот парк Шар Планина.
Бернска Конвенција заклучила дека и напредокот со репрогласувањето на Маврово за национален парк е недоволен, со оглед на тоа што Студијата за валоризација на Маврово не е финализирана, а сѐ уште не е започната и изработката на Планот за управување со паркот. Нема придвижување ни во однос на акцискиот план за заштита на балканскиот рис, критично загрозен вид кој се размножува исклучиво во националниот парк Маврово.
„Бернската конвенција на својот 44 состанок изрази загриженост за недоволниот напредок во однос на случајот со Маврово. Очекуваме дека во најскоро можно време ќе иницираат билатерален состанок со нашата Влада за да ги образложат очекувањата од спроведувањето на препораката 211 од 2021 година, бидејќи очигледно истата не се сфаќа сериозно“ вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Од голема важност за успешно затворање на случајот е донесување на законот за води и нов закон за природа, прогласување на Маврово согласно меѓународните стандарди, донесување на акциски план за балканскиот рис и обезбедување на државни финансии за заштитените подрачја. Како главна препорака останува забраната за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја која мора итно законски да се воспостави и практично да се спроведе.
Случајот за Маврово беше отворен во 2014 година на иницијатива на Еко свест и оттогаш Бернската конвенција будно го следи напредокот на Македонија во однос на дадените препораки за разрешување на овој случај.