Да се учи или не?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Како последица на општествените околности, секојдневните разговори за тоа колку вреди да се учи се поразителен показател кој ни појаснува на што ги сведовме нашите животи. „ Ма што ќе учиш кога Амди Бајрам ќе биде пратеник”; „Не вреди да учиш, што ќе ти е? Комшијата нема факултет, ама има 3 стана, две куќи и скапа кола“; „Гледај земи диплома, вработи си се, и не му ја мисли многу – од тоа нема фајде“…

Поради ваквиот начин на размислување луѓето се задоволни кога ќе добијат диплома, а не заслужиле. Кога ќе направат брзи пари и ќе се вселат во нов голем стан. Кога ќе си купат „јака кола” и ќе ја возат низ град во кој не се дише. Кога ќе облечат скапи чевли, а нема јавен простор по кој би ги прошетале. Задоволни се и кога носат костум, оти иако немаат мисловна моќ, костумот им дава чувство да „личат моќно”.

Како нашиот когнитивен систем го прифаќа ваквиот начин на живот со таква леснотија, е навистина едно од прашањата кое треба да си го поставиме, а одговорот лежи во социјализацијата и едукацијата. Нивото кое човек ќе го определи како црвена линија за прифаќање на околностите, покажува за степенот на развој кој го има постигнато како личност. На пример, се знае дека личноста не го постигнала потребниот степен на еманципираност доколку нема расчистено со личната и просторната хигиена, сè уште зборува прегласно, користи навредливи изрази, не внимава дали другиот се чувствува пријатно во негово друштво, доколку пцуе…

Ние учиме што е правилно, а што не, преку најзастапените вредности во околината во која растеме и се развиваме. Дали на граѓаните на една земја им се дозволува со поминувањето на годините да растат и да се развиваат, или тие едноставно само ќе стареат, зависи од многу фактори, но пред се’ од образовните, социјалните и економските политики. Во зависност од степенот на развој, на глобално ниво, во различни периоди мерките за утврдување на писменоста се различни. Порано под писменост се подразбирало дека писмен е оној човек кој знае да чита и да пишува, а денес овој термин е многу поширок во своето значење и опфаќа низа компоненти кои опфаќаат комплексни контексти.

Образованието е процес во кој се акумулираат и пренесуваат знаењата од генерација на генерација. Денес во Република Северна Македонија има голем број лица со високо образование, со титули магистер или доктор на науки, некои дури имаат и по два или три факултети. За голем дел од нив, секоја чест! Но, постојат и такви кои очекуваат дека, иако до дипломата стигнале преку „пократкиот пат“, сепак им следува висока позиција и убав живот.

Е сега, доаѓаме и до прашањето – што е убав живот? За да дојдеме до одговорот, неопходна ни е едукација, социјализација и животно искуство кое треба да го пренесуваме и на другите генерации.

Луѓето кои се образовани, еманципирани, знаат дека не е убав живот кога живееш во стан од 120 м2, а пред зграда немаш ниту едно дрво! Правилно образованите луѓе знаат дека не станува збор за тоа колкава ти е платата, туку што правиш со сумата на пари со која располагаш и на кој начин го трошиш времето во текот на денот? Учениот човек има сфатено дека тротоарите се важна компонента по градските улици, која мора да постои! Тој знае дека физичката и духовната надградба се неопходни за квалитетно секојдневие! Знае дека фрлањето ѓубре на улица, или било каде освен во корпа за отпадоци, е недозволиво! Образованиот човек знае дека оние кои имаат „фатено позиција“ а паралелно довршуваат образование, се дел од генерациите кои немаат што вредно да им пренесат на следните! Образованиот човек знае дека лице со скапи коли и куќи, незнаејќи кој е Петре М. Андреевски но сметајќи се себеси за „голем македонски патриот“, е лице кое никогаш не успеало да стане личност! Образованиот човек знае дека содржината на нештата е многу поважна од формата! Образованиот човек знае дека не секој што има диплома е образован, и знае што значи да донесуваат одлуки лица кои не се квалитетно образовани и еманципирани!

Притоа кога викам човек, мислам и на маж и на жена! И тврдам дека не само што мора да се учи, туку дека тоа е неопходно за да го подигнеме квалитетот на живот и на лично, и на колективно ниво. Едукативните содржини, критериумите и квалитетот на кадар, мора да се подигне за да не губиме повеќе генерации.

Повторувам повеќе пати, ќе повторам пак: Улогата на политичките науки е да го научи човекот дека не е само потрошувач!!! Улогата на социјализацијата и образованието е да го направат човекот што е можно почовечен! Затоа и тоа како вреди да се учи и, секако, да се знае – дипломата сама по себе од никогаш не значела ништо!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …