Дали Ангела Меркел молчела за потеклото на коронавирусот

Дали Ангела Меркел молчела за потеклото на коронавирусот

Германската разунавачка служба БНД уште на почетокот на пандемијата на коронавирусот ја информирала канцеларката Ангела Меркел дека вирусот потекнува од кинеска лабораторија. Меркел демантира.

Но, оние со подобро сеќавање знаат дека во германската политика во раната пролет 2020 година се случи нешто чудно. Додека тогашниот министер за здравство, Јенс Шпан, се двоумеше околу тоа дали да воведе обврска за носење маски – кои во Германија ги немаше доволно, а и многу здравствени експерти тврдеа дека тие речиси и да немаат ефект против малиот вирус – одеднаш пред медиумите се појави канцеларката со застрашувачки прогнози. Инаку, и Шпан во четвртокот изјави дека за извештајот на БНД дознал од медиумите.

Таа тврдеше дека 60% од германското население ќе биде заразено со коронавирусот. Во тој момент единствените искуства беа оние од Италија, каде што стапката на смртност беше речиси 15%. Со други зборови, Меркел пресметала дека во Германија може да има и до 10 милиони мртви.

Шолц ги прашал експертите

Дали поранешната канцеларка пред ова појавување сепак ги прочитала резултатите од операцијата „Сааремаа“, кои сугерираат дека кинески институт можеби го создал вирусот и како можно биолошко оружје? Во тоа време, германските медиуми жестоко ги напаѓаа „негаторите на короната“ и поборниците на „теории на заговор“.

Приказната продолжува: откако Олаф Шолц ја наследи Ангела Меркел на функцијата канцелар, директорот на БНД, Бруно Кал, повторно го информирал новиот канцелар за разузнавачките сознанија од 2020 година за потеклото на коронавирусот. Значајно е што ниту за време на Меркел, ниту под Шолц, БНД не го информирал релевантниот парламентарен одбор за ова, а исто така, иако тоа не е нивна задача, германските разузнавачи не ја известиле ниту Светската здравствена организација (СЗО).

БНД Бруно Кал
Шефот на БНД, Бруно Кал му ги пренел информациите и на наследникот на Меркел, Олаф Шолц

Дури кон крајот на минатата година, Шолц сепак побарал овие разузнавачки информации да бидат проверени од надворешни експерти, вклучувајќи го и сегашниот претседател на Институтот Роберт Кох, Ларс Шаде, како и берлинскиот виролог Кристијан Дростен. Дростен, за време на владеењето на Меркел, редовно настапуваше на прес-конференциите на германското министерство за здравство и постојано се залагаше за најстроги мерки за заштита и забрани.

Чудни работи во Кина

Сè уште нема официјален одговор од научниците на ова барање од Шолц, но вирологот Дростен призна дека во врска со потеклото на вирусот има некои чудни работи. Несомнено е дека вирусот првпат се појавил во регионот на Вухан и дека токму кинеските експерти први започнале детално да го истражуваат. Според Дростен, логично било кинеските научници потоа да објават доказ дека вирусот настанал природно, бидејќи „тие ги имаат сите технички можности“ да го откријат тоа.

Но, тој доказ за природното потекло беше чекан, чекан – и никогаш не дојде. Поради тоа, Дростен стана сомничав: „Дали кинеската држава забранила да се истражува тоа? Можно е. Но, друго објаснување е дека вирусот воопшто не бил природен“, изјави тој за германските новинари.

Докази ниту за првото, ниту за второто сценарио сè уште нема. Така што, Дростен сè уште е посклон да верува во доминантната научна теорија дека вирусот преминал на човекот преку некоја животинска фарма. Но, и во САД мислењата почнаа да се менуваат околу потеклото на вирусот.

И ЦИА „сè уште истражува“

Американскиот претседател Доналд Трамп уште за време на пандемијата гласно тврдеше дека Кина ја крие вистината за потеклото на вирусот. Неговиот поддржувач и нов директор на ЦИА, Џон Ратклиф, исто така ја обвинуваше Кина дека не сака да ја признае вистината. Но, една од првите акции на новото раководство на ЦИА оваа година била повторно да се испита потеклото на коронавирусот.

Заклучокот? Сè уште нема дефинитивен одговор, но се смета дека е „поверојатно“ вирусот да бил создаден од човек, односно од кинески научници. Сепак, признаваат дека има „многу несигурност“ во овие проценки и дека истрагата продолжува.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Илјадници вработени останаа без плата за Велигден, Владата мува не ја лази

Илјадници вработени останаа без плата за Велигден, Владата мува не ја лази

Соопштение за јавност на СДСМ Наместо вработените во низа институции да слават достоинствено Велигден, тие …