Дали е глупаво да си паметен?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Има една изрека која вели: „Во систем кој функционира, срамота е да си сиромашен, бидејќи тоа значи дека си мрзелив, а во систем кој не фукционира срамота е да си богат, бидејќи тоа значи дека си надвор од правичното функционирање”. За кој систем се зборува во овој случај? За политичкиот систем, кој е столб на општественото организирање, бидејќи преку неговите карактеристики можеме да согледаме на кој начин се донесуваат одлуките кои го одредуваат квалитетот на начинот на кој го организираме нашиот живот.

Изминатава недела бев дел од повеќе активности кои подразбираа јавни дебати и настани, на кои зборувавме и споделувавме размислувања за партиципативноста на локално ниво, за демократија, за правичност, за функционална локална самоуправа и слично. Бидејќи сакав да го кажам примерот на една општина во која, барем така чув, функционира Граѓански парламент, се јавив за да ми ја потврдат информацијата и да ми кажат кога е одржан последниот негов состанок? На моето прашање, вработената во општинската администрација ми одговори дека требало да поднесам барање за информации од јавен карактер и во предвидениот законски рок, ќе добијам одговор!?

Нормално, се обидов да укажам дека барањето за слободен пристап до информации е потребно во случај доколку барам записник од некој од одржаните состаноци, но бидејќи барам обична информација за последниот одржан состанок, во духот на транспарентното владеење, тие се должни да ми ја кажат. На вработената во општината која упорно инсистираше на истиот одговор, немав време а ни желба да ѝ објаснам што значи информација од јавен карактер и што значи да се работи во јавна институција на локално ниво…

Многу се долги и тешки лекциите. За нивно совладување постојат универзитети, факултети, институти и неформални школи, на кои се учи за критичко размислување и партиципативност. Критичкото размислување не е секогаш негативна критика. Критиката може и да е позитивна што, секако, мора да се разликува од полтронството, но критичкото мислење и размислување, а притоа и искажување, се една од главните карактеристики на граѓаните кои прават промени во општеството. Кога велам „промени“, тоа не се однесува на промени во политичките партии, промени на вработени во институциите или промени за да стигнат до позиција директор, туку општествени промени кои го еманципираат човекот, да не е само потрошувач и гласач.

Ама тие промени кои ги доживуваат луѓето кога се едуцирани, свесни и го постигнуваат нивото на граѓанин, неминовно носат и промени во политичките партии каде нема да се гласа за некој само заради тоа што е „мангуп”. Притоа мислам и на промени во кадровските политики, кога вработувањето на луѓе кои не знаат што треба да работат и што значи работењето во јавна институција, ќе биде срамота. Промени, кои ќе го променат сфаќањето дека не си противник ако искажеш различно мислење, ако јавно проговориш дека постои лошо владеење, како на локално, така и на централно ниво.

Исто така, граѓаните кога се на ниво на граѓани во политичка смисла на зборот, нема да молчат поднаведнато кога директорот на претпријатието е со несоодветно образование и кога носи погрешна одлука, туку ќе реагираат. Граѓанска должност е да се реагира кога се донесуваат одлуки кои се со трајни негативни општествени последици. Не знам дали луѓето во политичките партии знаат дека прво постоеле граѓани, па потоа се создале институциите, а не обратно? Прашањето, колку и да изгледа иронично, вреди да се постави, бидејќи тоа значи дека токму граѓаните ги создале сите тие институции на политичкиот систем, кои треба да работат за да ги остварат нивните интереси. Ова, навидум, сите го знаеме, но и покрај тоа ретки се функционерите кои навистина така постапуваат. Кога викам „интереси“, не мислам на вработување, тендер, директорско место, повисока оцена, поскап поклон…туку на интерес за достоинствен живот, кој подразбира многу различно живеење од она на кое повеќето луѓе се навикнати. И богати и сиромашни, во материјална смисла на зборот.

Постојат многу истражувања за граѓанската активност на локално и централно ниво во процесот на одлучување, кои јасно укажуваат дека нашите луѓе не се спремни ефикасно да партиципираат во донесувањето на одлуки, но и нашите одлучувачи исто така не се спремни да овозможат реално граѓанско учество. Ова е период во кој се учиме како се дава простор на вонинституционалните идеи кои вредат, а кои е тешко да се препознаат. Бидејќи ние немавме само политичка и економска криза, туку пред сè општествена криза – целосна ерозија на вредностите.

Ако сакаме пластично да ја прикажеме јавната свест, таа се содржи во некои од следниве изрази кои се најшироко распространети: „Не верувам дека нешто можам да сменам!”, „Сите се исти!”, „Ништо не работи, а го унапредија, зарем сум глупав јас што работам?”, „Не вреди ни да учиш, ни да си работлив!”, „Не сум глупав да кажам што мислам, не вреди да се расправаш!”, „Јас сум раководител, јас не работам, има кој да ме слуша!”, „Ма каква јавна корист, кој размислува за тоа, гледај си за себе и не зборувај многу, ништо нема да се смени!”, „Една ластовица не ја прави пролетта!”, „Што се заморуваш, овде не вреди да си паметен”, „Сè ова се празни муабети!”…

Ова се само некои од примерите кои укажуваат на слабата граѓанска кондиција и капацитет кој граѓаните го поседуваат, ова е еден од најголемите предизвици кои системски се решаваат со практики за добро владеење.

Ние мораме да ги убедиме новите генерации, дека никогаш и во ниту едно време не е глупаво да си паметен! И дека допрва нема да биде. Убедена сум во тоа!

Прочитајте повеќе

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалицијата во Изборна единица 4, Венко Филипче …