Вториот пензиски столб повторно е во фокусот на јавноста во Северна Македонија, откако изјавите на политичките лидери отворија дилеми за неговата одржливост и иднината на пензискиот систем. Институциите уверуваат дека системот е стабилен, но дел од политичарите предупредуваат на потенцијални ризици.
МАПАС: средствата растат, приносите се во рамки на очекувањата
Вториот пензиски столб е задолжителен систем на капитално финансирано пензиско осигурување. Неговата цел е преку индивидуално акумулирање средства да обезбеди дополнителен приход во пензија, заедно со првиот столб.
Од МАПАС за ДВ посочуваат дека средствата во задолжителните пензиски фондови континуирано растат, а приносите се во рамките на долгорочните очекувања.
„Висината на средствата на индивидуалната сметка зависи од повеќе фактори – висината и континуитетот на придонесите, должината на членството и приносот од инвестициите“, нагласуваат од МАПАС.
Оттаму додаваат дека пониските акумулирани средства не се резултат на моделот, туку на висината на уплатите и прекините во работниот стаж.
Како се формира пензијата
Придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата се одвојуваат во износ од 12,8% за Фондот на ПИОМ и 6% од бруто плата се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензискиот фонд. Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб.
Меѓу клучните фактори за висината на пензијата се висината на платата, должината на стажот, приносите од фондовите и возраста на пензионирање.
Премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ деновиве порача дека вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем. Дел од идеите што се разгледуваат се дали идните пензионери прво целосно би ја искористиле заштедата од вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи би преминале со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.
Мицкоски вели дека воведувањето на вториот столб било направена со добри намери, но дека од денешна перспектива не е сигурен дека ќе ги даде очекуваните резултати. Според него, голем дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

Филипче: постои загриженост кај граѓаните
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше дека ваквите изјави создаваат неизвесност кај граѓаните. Тој постави прашање дали Владата планира да интервенира во вториот пензиски столб и предупреди дека граѓаните стравуваат за своите заштеди.
Според него, пензискиот фонд се соочува со сериозен дефицит, кој се покрива од државниот буџет.
„Граѓаните кои ги уплаќаат парите во вториот пензиски столб се во една голема неизвесност и се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во кој луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети. Луѓето се исплашени дали воопшто ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот“, изјави Филипче во средата (24 јуни).
Според него, како буџетот тоне, така и пензискиот фонд е ставен во ризик. Филипче вели дека од 2024 година наваму дупката во Пензискиот фонд повторно се зголемува и сега надминува 40 проценти, која се надокандува од централниот буџет за да може актуелните пензионери да примаат пензии.
Но, директорот на ПИОМ, Никола Мемов, уверува дека пензиите и здравственото осигурување не се доведени во прашање.Тој нагласува дека системот функционира стабилно, и покрај растот на расходите.
Какви реформи се потребни?
Во однос на евентуалните реформи на пензискиот систем, од Владата посочуваат дека континуирано се следат домашните и меѓународните трендови поврзани со одржливоста и развојот на пензиските модели. Според нив, целта е да се заштитат долгорочните интереси на осигурениците и пензионерите. Затоа се разгледуваат различни сценарија за да се избегнат решенија што би довеле до пониски пензиски примања од очекуваните.
Од МАПАС велат дека реформите се неопходни, доколку под тоа се подразбираат подобрувања во пресметката, финансирањето и исплатата на пензиите. Притоа, потенцираат дека веќе функционираат повеќе работни групи кои се под мониторинг на Светската банка. Моментално функционираат работна група за единствен регистар на осигуреници, за подобрувања во пензискиот систем, за воведување на систем со повеќе портфолија или мулти-фондови и за исплата на пензии.
Според МАПАС, реформата е континуиран процес, бидејќи секоја држава го прилагодува системот на сопствените демографски и економски услови.
Ревизија: слабости и доцнења
Според ревизорскиот извештај објавен деновиве за работата на ПИОМ, приходите од придонеси во 2024 година пораснале за 14% и достигнале 71,4 милијарди денари, но тоа не било доволно да го покрие порастот на расходите за пензии, кои надминале 90,2 милијарди денари. Ова создава значителна разлика, што повторно ја зголемува зависноста од државниот буџет, со учество од 36,71% во вкупните приходи на ПИОМ.
Ревизијата откри значителни доцнења во трансферите кон приватните пензиски фондови. Иако пресметките се прават навреме, исплатите доцнат во просек околу два месеца. До февруари 2026 година, нераспределените придонеси кон приватните пензиски фондови достигнуваат 2,59 милијарди денари.
Дополнителен притисок врз пензискиот систем создава односот меѓу осигуреници и пензионери. Овој сооднос е влошен во споредба со 2023 година (1 : 1,70), што укажува на растечки ризик за долгорочната одржливост на пензискиот систем.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место