Воените напади на САД извршени во текот на ноќта, за кои претседателот Доналд Трамп изјави дека ги „уништиле“ главните ирански нуклеарни објекти, ќе ја стават на испит широко прифатената теза дека ваквите напади можат да ја одложат, но не и да ја сопрат решеноста на една земја да развие нуклеарно оружје.
Како што иранската нуклеарна програма се прошируваше и усовршуваше во последните две децении, многу функционери и нуклеарни експерти предупредуваа: може да се уништи физичката инфраструктура, но стекнатото знаење е тешко или невозможно да се избрише.
Западните сили, вклучително и САД, јавно укажуваа на тоа, жалејќи се на „неповратното зголемување на знаењето“ што Иран го стекнал преку активности на кои тие се спротивставуваат.
„Воените напади сами по себе не можат да го уништат обемното нуклеарно знаење што го поседува Иран“, соопшти вашингтонскиот Институт за контрола на вооружувањето по американските напади со тешки пробивни бомби врз објектите во Натанц и Фордо – двете главни подземни постројки за збогатување ураниум.
„Нападите ќе ја вратат програмата назад, но по цена на зајакнување на иранската решеност повторно да ги воспостави своите чувствителни нуклеарни активности – можеби дури и ќе ја поттикнат да размисли за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и премин кон изработка на оружје.“
Израел, исто така, соопшти дека убил ирански нуклеарни научници, но, иако малку е познато за човечкиот потенцијал на програмата, официјални лица изразиуваат скепса дека тоа сериозно ќе влијае на знаењето на Иран, иако може привремено да го забави напредокот.
Западот тврди дека нема цивилно оправдување за збогатување ураниум до ниво блиску до воено-потребната чистота. Иран, пак, инсистира дека неговата програма е исклучиво мирољубива и дека има право да збогатува ураниум колку што сака.

Иранската нуклеарна програма забрзано напредуваше откако Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година, кој наметнуваше строги ограничувања врз нуклеарните активности во замена за укинување санкции.
По повлекувањето на САД во 2018 и повторното воведување на санкции, Иран далеку ги надмина ограничувањата за чистота на збогатениот ураниум и количините што смее да ги складира.
Залихи на ураниум
До почетокот на израелските напади врз иранските нуклеарни постројки на 13 јуни, Иран збогатуваше ураниум до 60% чистота – еден чекор до 90%, што се смета за ниво потребно за атомска бомба – далеку над лимитот од 3,67% од договорот од 2015, кој Иран го почитуваше до една година по американското повлекување.
Според последниот извештај од 31 мај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран имал доволно ураниум збогатен до 60% за да се изработат девет нуклеарни бомби – доколку тој ураниум дополнително се збогати, според критериумите на Агенцијата. Иран има и залихи со 20% и 5% чистота.
Сѐ уште не е утврден точниот ефект од американските и израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и материјали. Покрај постројките за збогатување, САД нападнаа и локации во Исфахан, каде што, според изјави на официјални лица, бил складиран дел од највисоко збогатениот ураниум под земја.
Едно клучно отворено прашање е колку високо збогатен ураниум Иран сѐ уште поседува и дали целата количина е евидентирана.
Висок ирански извор изјави за Ројтерс дека најголем дел од збогатениот ураниум од Фордо – објектот што произведуваше најмногу ураниум со 60% чистота – бил преместен на непозната локација пред американскиот напад.
Заменик министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, изјави за државната телевизија минатиот викенд дека Иран ќе преземе мерки за заштита на нуклеарните материјали и опрема кои повеќе нема да ги пријавува до МААЕ и дека нема да соработува со агенцијата како досега.
Сенката на Северна Кореја
МААЕ нема извршено инспекции во Иран откако започнаа израелските напади пред девет дена, но соопшти дека е во контакт со иранските власти.

Сѐ уште не е јасно што ќе биде следниот чекор на Иран во врска со нуклеарната програма. Неговата закана дека може да се повлече од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) укажува на можна трка за атомска бомба, иако Техеран сѐ уште тврди дека нема такви намери.
Северна Кореја е единствената земја која досега се повлекла од НПТ– во 2003 година. Таа ги избрка инспекторите на МААЕ и продолжи со тестирање на нуклеарно оружје.
„Нашата најголема грижа е дека ќе се повтори сценарио како со Северна Кореја – дека овие напади ќе ги убедат Иранците дека единствениот начин да го спасат режимот е да одат по патот на бомбата. Никој денес не ја бомбардира Северна Кореја, нели?“, вели еден европски дипломат.
Дури и ако инспекциите продолжат, поради повлекувањето на Трамп од договорот во 2018 година, Иран веќе го укина дополнителниот надзор од страна на МААЕ предвиден со договорот од 2015. Тоа значи дека агенцијата веќе нема увид во бројот на центрифуги што Иран можеби ги има на недекларирани локации.
МААЕ соопшти дека, иако не може да гарантира дека иранската програма е целосно мирољубива, исто така нема веродостојни докази дека постои организирана програма за развој на нуклеарно оружје.
Сепак, израелските и американските напади веќе ги зголемија стравувањата кај дипломати и други официјални претставници дека Иран ќе искористи центрифуги за да изгради таен објект за збогатување – нешто што може да се смести дури и во мало и незабележливо складиште.
„Многу е можно да постојат постројки за збогатување за кои не знаеме. Иран е голема земја“, изјави еден западен функционер, додавајќи дека Иран исто така може да одлучи да чека.
„Доколку Иран почне од почеток за две години, ќе му бидат потребни само неколку месеци за повторно да ја воспостави програмата и да се врати таму каде што беше вчера.“
Извор: DW