Дали ќе пропадне примирјето на САД и Иран?

Дали ќе пропадне примирјето на САД и Иран?

По разорните воздушни напади на Израел во Либан, Иран се заканува дека ќе го прекине примирјето со САД. САД мора да се одлучат – „или примирје или продолжување на војната преку Израел. Не можат да ги имаат и двете“, напиша министерот за надворешни работи Абас Арагчи на платформата X.

Американскиот претседател Доналд Трамп исто така му се закани на Иран со нова воена ескалација доколку не се постигне сеопфатен договор. На својата платформа Трут Соушл, Трамп напиша дека бродовите, авионите и војниците на американската армија ќе останат распоредени околу Иран, доколку е потребно и со дополнителна опрема, сè додека „постигнатиот ВИСТИНСКИ ДОГОВОР не се почитува целосно“. Ќе биде подготвено сè што е потребно за „смртоносно гонење и уништување“ на веќе ослабениот противник, напиша Трамп.

Како реакција на израелските напади во Либан, со Иран поврзаната милиција Хезболах, според сопствени наводи, ноќта гранатирала еден кибуц во северен Израел. Нападите ќе продолжат сè додека не престане „израелско-американската агресија“, соопшти Хезболах.

Светски економски форум Давос 2026 | Доналд Трамп
Доналд Трамп му се закани на Иран со нова воена ескалација доколку не се постигне сеопфатен договор

Венс: Примирјето е „кршливо“

И покрај договорот за примирје со САД, Иран и понатаму ѝ се заканува на поморската пловидба во Ормускиот Теснец, кој е клучен за светскиот пазар на нафта и гас. Поради опасност од мини, бродовите морале да се координираат со Револуционерната гарда и да користат означени алтернативни рути, се наведува во соопштение објавено од државната телевизија ИРИБ.

Во средата вечерта (8.04), иранската новинска агенција Фарс објави дека Иран повторно го запрел бродскиот сообраќај низ теснецот во знак на протест поради израелските напади во Либан. Од почетокот на примирјето низ теснецот поминале само два танкери со нафта.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го оцени двонеделното примирје на САД и Иран како „кршливо“. Отворањето на Ормускиот Теснец и заемното прекинување на борбените дејства се „основа за кршливото примирје што го имаме“, изјави тој во Будимпешта.

Обединети Арапски Емирати Рас ал-Хаима 2026 | Товарни бродови во Заливот во близина на Ормускиот Теснец
Иран повторно го запрел бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец во знак на протест поради израелските напади во Либан, објави иранската агенција Фарс (фото: товарни бродови во Заливот во близина на Ормускиот Теснец)

Повеќе од 180 загинати по израелските напади во Либан

Израел во средата изврши изненадувачки голем напад, бомбардирајќи бројни цели во Либан, вклучително и во главниот град Бејрут. Според најновите податоци на либанското министерство за здравство, загинале најмалку 182 лица, меѓу кои многу цивили. Според израелската војска, нападот бил насочен кон команданти и воена инфраструктура на Хезболах. Либанскиот премиер Наваф Салам прогласи ден на национална жалост. Сите административни установи и државни институции треба да останат затворени, а знамињата да бидат спуштени на половина копје.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро ги критикуваше израелските воздушни напади. Тој „решително ги осудува масивните напади“, соопшти неговиот портпарол на платформата X. Притоа, како што се вели, „стотици цивили, меѓу кои и деца, биле убиени и повредени“, а цивилната инфраструктура е оштетена.

Либан Бејрут 2026 | Спасувачи по израелскиот воздушен напад врз станбена зграда
Според податоци на либанското министерство за здравство, во израелските напади загинале најмалку 182 лица, меѓу кои многу цивили

Остра критика кон Израел

И високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, остро ги осуди израелските напади. Обемот на убиства и уништувања во Либан е „едноставно застрашувачки“, изјави австрискиот дипломат. Вакво крвопролевање, само неколку часа по договорот за примирје со Иран, е тешко да се сфати. „Тоа врши огромен притисок врз кршливиот мир што му е очајно потребен на цивилното население“, предупреди Тирк. Меѓународната заедница, според него, мора брзо да дејствува.

Координаторот за итна помош на ОН, Том Флечер, на Х напиша: „Ова не е примирје. Ова не е воздржаност.“ Како што му рекол на Советот за безбедност, насилството мора да запре и да се бара дијалог.

За разлика од Иран, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс не го смета Либан за дел од примирјето договорено меѓу Вашингтон и Техеран. Тоа што Иран така претпоставува е недоразбирање, изјави Венс во Будимпешта. „Ниту ние ниту Израел не рековме дека ова ќе биде дел од примирјето“, рече тој. Но, според посредникот Пакистан, прекинот на огнот го опфаќа и Либан.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

На прес-конференција за Предлог-законот за високо образование, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека образованието со години …