Дали популистите велат „жалам“?

Дали популистите велат „жалам“?

Најмалку една година пред изборите во 2024 тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ водеше кампања дека преговарачката рамка со ЕУ може да се промени. Нејзините претставници и некои аналитичари тврдеа дека преговарачката рамка не е исклесана во камен и реално во неа може да има промени.

Тој наратив дека е можна промена на преговарачката рамка траеше уште најмалку една година по победата на изборите, а потоа полека да исчезнува од дискурсот на владејачките претставници откако таквата можност беше отфрлена од сите главни претставници на Европската унија.

Премиерот Христијан Мицкоски пред две недели конечно призна – преговарачката рамка не може да се промени. Во интервју за МТВ за двете години на владата, премиерот рече:

„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции…“

Дали кажа „жалам“ кон гласачите, поддржувачите или генерално кон граѓаните дека тој наратив, дека таа пропагандна приказна во кампањата била измислена. Или дека погрешно верувал, бил погрешно советуван или не знаел доволно како функционира Европската унија. Што и да е причината, тој наратив во голема мерка придонесе за големата изборна победа. Сега излегува дека тој наратив бил празен. Како што уште еднаш го потстети комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, на прес-конеренцијата во средата во владата: „Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапниот процес“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски стои пред говорниза со замислен израз на лицето и со една рака преку устат. Зад него десно е истакнато македонското знаме
Премиерот Христијан Мицкоски конечно призна дека преговарачката рамка со ЕУ не може да се промени

Популистите решиси никогаш не изразуваат жалење или признаваат дека во нешто погрешиле. Нивната „непогрешивост“ е, всушност, исклесана во камен и тие и за нивната грешка велат дека ќе го прашаат народот што мисли. А тој најдобро може да просуди, па дури и да биде еден вид варикина за моралното белење на сопствените ставови кои донеле стотици илјади до заблуда. И, се разбира, вината е секогаш кај некој друг – кај отуѓените елити, кај корумпираното судство, кај ненародните политичари.

„Судска тиранија“

Кога Марин Ле Пен, лидерката на француската крајна десница, минатата година беше осудена за проневера и ѝ беше забрането да се кандидира за функција во наредните пет години, таа ги нападна судовите како непријател на демократијата. Ле Пен е сериозен фаворит за претседателската функција на изборите во мај 2027 и лани рече дека таа ѝ е одземена со судски налог, а не по избор на гласачот.

Во деновите по нејзината пресуда во март 2025 година, таа не престануваше со навреди кон судот, обвинувајќи за „судска тиранија“ и „лов на вештерки“. Ле Пен малку зборуваше за самите обвинувања, прикажувајќи ја одлуката да ѝ се забрани вршење јавна функција како напад врз правата на гласачите.

„Да бидеме јасни“, рече таа. „Јас сум елиминирана, но всушност, и милиони Французи чии гласови се елиминирани“. Судиите, рече таа, „спроведоа практики за кои се сметаше дека се резервирани за авторитарни режими“.

Во вторникот, судиите ја вратија топката во нејзиниот двор. Апелацискиот суд ја потврди нејзината пресуда, ја намали казната, но ѝ дозволи да се кандидира, а главниот судија рече дека не сака да „го прекрши принципот на слобода на кандидирање за избори“.

Судот ја потврди пресудата на Ле Пен дека играла централна улога во оркестрирањето измама со лажни вработувања од невидени размери и времетраење. Таа беше прогласена за виновна дека имала клучна улога во проневера на повеќе од 2,8 милиони евра од средствата на Европскиот парламент помеѓу 2004 и 2016 година и насочување на парите кон нејзината партија во Париз. Судот ја скрати забраната за Ле Пен да се кандидира за јавна функција од пет години на 45 месеци, од кои 30 месеци се суспендирани. Со тоа ѝ беше забрането да се кандидира 15 месеци по нејзината пресуда во март 2025 година – рок, кој како што забележа судијата, е веќе истечен. Но треба да носи алка околу глуждот за домашен притвор.

Според францускиот систем за домашен притвор, судијата може да одобри време во кое некој со алка на глуждот може да го напушти својот дом и мора однапред да одобри излегувања низ целата земја. Ле Пен изјави дека носењето алка ќе ѝ го оневозможи излегувањето навечер и присуството на митинзи. Месеци наназад Ле Пен зборуваше дека таква алка ќе ја направи нејзината кандидатура неодржлива. Што значи дека не ќе може да се кандидира. Но, со менување на забраната за избори, ѝ беше дозволено да одлучи за својата политичка судбина, поткопувајќи го нејзиниот аргумент дека судството ја попречило волјата на народот.

Таа се одлучи многу брзо. Уште вечерта во гостувањето на телезизијата ТФ1. „Вечерва, јас сум кандидат на претседателските избори“, рече Ле Пен во интервјуто. Бидејќи пресудата беше поволна за неа немаше изјави за „судска тиранија“. Ле Пен најави жалба до највисокиот, касацискиот суд. „Жалбата до касацискиот суд ги суспендира ефектите од пресудата, па затоа ќе водам кампања без електронска алка за глужд“, изјави таа за ТФ1. Овој потег, додаде таа, ќе им овозможи на гласачите „последен збор“.

Француската политичарка Марин Ле Пен оди опкружена од полицајци и други луѓе
Марин Ле Пен има намера да се кандидира на претседателските избори во Франција наредната година, покрај тоа што е прогласена за виновна за проневера

„Сега навистина сѐ е на нејзини рамења“, рече Бенџамин Морел, предавач по јавно право на Универзитетот Пантеон-Асас во Париз во изјава за „Њујорк тајмс“. „Таа ја носи дамката на овој случај и пресуда, но правдата не е она што ѝ забранува да се  кандидира“. Професорот Морел ја опиша одлуката на судот како „паметна“ и „фино калибрирана“, покажувајќи ја сериозноста на нејзиниот криминал, но исто така и дека судиите „не ја преземаат одговорноста за попречување на демократскиот процес“.

Во 2025  американскиот претседател Доналд Трамп ја осуди казната за Марин Ле Пен како „незаконита“ против политички противник, објавувајќи на Truth Social „СЛОБОДА ЗА МАРИН ЛЕ ПЕН“. Кремљ, Елон Маск и тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, исто така, се вклучија со истата порака: дека народот, а не судовите, треба да избере.

Реакциите на политичката сцена во Франција можат да се сведат во една реченица: „Ле Пен сега е сама со својата совест“. Но популистите ретко се занимаваат со својата совест.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …