Додека Дунав, Сава и Драва бележат рекордно низок водостој, а некои европски земји се соочуваат со намалено производство на струја и проблеми во пловидбата, состојбата во Северна Македонија засега е стабилна. Експертите велат дека водостоите се намалуваат поради летните горештини, но нема индикации за сценарио какво што моментално се случува во делови од Централна Европа.
Но, останува прашањето дали продолжувањето на сушниот период и новите топлотни бранови би можеле да создадат проблеми за водоснабдувањето, водостоите и производството на електрична енергија во Северна Македонија.
Што се случува во регионот?
Рекордно нискиот водостој на Дунав предизвикува проблеми низ регионот. Во Србија е намалено производството на струја во хидроцентралите, а пловидбата е отежната поради плиткото корито на реката. Во Унгарија, пак, нуклеарната централа „Пакш“ за малку избегна прекин на работата поради ниското ниво на водата потребна за ладење на реакторите.
Според унгарскиот премиер Петер Маѓар, земјата била на само неколку милиметри од целосно исклучување на централата, но нивото на Дунав во последен момент престанало да опаѓа. Во Романија исто така има притисок врз енергетскиот сектор поради намалениот проток на реките.
Хидрологот Атанас Угрински од Управата за хидрометеоролошки работи во изјава за ДВ вели дека Северна Македонија годинава има подобра хидролошка состојба од повеќето земји во регионот.
„Имавме врнежи од дожд и снег во текот на зимата и пролетта, а во март имаше и поплави во одредени делови од земјата. Пролетта беше врнежлива, па состојбата не е толку алармантна како во делови од Европа, каде што се засегнати Дунав, Рајна и други големи реки“, вели Угрински.
Според него, позитивен сигнал е и порастот на нивото на Преспанското Езеро во однос на ланските минимални вредности.
„Во летен сушен период нормално е водостоите да опаѓаат. Сепак, не очекувам драматично сценарио како она што моментално се случува во Централна Европа. Засега нема простор за посериозна загриженост“, додава тој.
Угрински посочува дека годинава состојбата е подобра и во споредба со минатото лето, кога сериозно беше намален капацитетот на изворот Рашче, што предизвика проблеми со снабдувањето со вода во Скопје.
„Преспанското, Охридското и Дојранското Езеро се во подобра состојба од лани. И акумулациите имаа солидна исполнетост и доволно вода за наводнување. Во наредниот период водостоите ќе се намалуваат, но очекувам да останат над минатогодишните минимални вредности“, вели Угрински.
Позитивни се и податоците за водоснабдувањето. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека водата за пиење е здравствено исправна и ги исполнува сите законски стандарди за квалитет. Во периодот од 27 до 31 јули биле анализирани 390 примероци преку физичко-хемиски и микробиолошки испитувања на 42 мерни места низ Скопје, при што сите резултати покажале дека водата е безбедна за употреба.
Професорка Цветанка Поповска: Не смее да се чека кризата да се случи
Професорка Цветанка Поповска, експерт за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците и долгогодишен професор на Градежниот факултет, предупредува дека примерот со Дунав, Сава и другите големи европски реки покажува колку сериозни можат да бидат последиците од климатските промени. Затоа се потребни навремени и системски мерки.
Поповска за ДВ вели дека многу зависи не само од управувањето со хидроцентралите, туку и од управувањето со водотеците низводно од нив.
„Ако ме прашувате колку оваа криза може да потрае, доволно е да се погледне состојбата во Европа. Кога Дунав достигнува вакви нивоа, може да се замисли што значи тоа. Станува збор за речно корито кое има проток од околу 15 илјади кубни метри во секунда, во споредба со Вардар, кој е генерално планински водотек со просечен проток од околу 60 кубни метри во секунда. Ако може Дунав да се соочи со ваква состојба, а и Сава да бележи екстремно низок водостој, тогаш ризикот е голем за сите реки“, вели Поповска.
Таа нагласува дека климатските промени мора да се третираат превентивно, а не само кога последиците веќе се појавиле.
„Треба да се почитуваат еколошките препораки и прогнози. Не може да се лекува кога нешто веќе ќе се случи. Треба да се дејствува превентивно. Тоа значи да се почитуваат акционите планови и националните програми подготвени согласно очекуваните климатски промени. Кога тие планови не се реализираат навремено, ќе се случува токму ова што денес го гледаме“, вели Поповска.
Според неа, примерот со Дунав и Сава е предупредување што не смее да се игнорира.
„Штом Дунав и Сава достигнаа вакви состојби, а знаеме дека Дунав е една од најголемите европски реки, може да се заклучи дека климатските ризици стануваат сѐ поизразени и дека државите мора доследно да ги спроведуваат мерките за адаптација кон климатските промени“, додава Поповска.
Виктор Андонов: Најголемиот ризик е долготрајна регионална суша
Според м-р Виктор Андонов, експерт за енергетска политика, случувањата во Унгарија и Србија се сериозно предупредување за целиот регион, вклучително и за Северна Македонија.
„Рекордно нискиот водостој на Дунав истовремено го ограничува производството од нуклеарни централи, термоелектрани и хидроелектрани, извори што со децении се сметаа за најстабилниот дел од електроенергетскиот систем. Тоа покажува дека климатските промени веќе не се само еколошко прашање, туку директен ризик за енергетската сигурност. Затоа, климатската отпорност мора да стане составен дел од планирањето, управувањето и развојот на електроенергетскиот систем“, вели тој за ДВ.
За Северна Македонија, продолжена суша и нови топлотни бранови би значеле помали дотоци и поголем притисок врз акумулациите, можност за намалено производство од хидроелектраните и истовремено зголемена потрошувачка за ладење и дополнителни потреби од електрична енергија.
„Важно е да се напомене дека до овој период, поради одличната хидрологија кај нас, големите хидроелектрани со кои раководи ЕСМ сигурно го имаат надминато планираното годишно производство уште во првите седум месеци од годината, што значи дека до крајот на годината планираното производство најверојатно ќе биде надминато“, додава Андонов.

Треба да се има предвид дека веќе сме навлезени во период на наводнување и сезонски пониски дотоци. Тоа не е неочекувана состојба, туку дел од редовното годишно планирање и управување со акумулациите. Уште во текот на зимата, врз основа на снежната покривка, врнежите и карактеристиките на секој слив, може да се процени кои хидроелектрани ќе имаат подобра хидрологија и колкаво ќе биде производството.
„Затоа, во овој момент не треба да се создава впечаток дека Северна Македонија се соочува со непосреден недостиг на електрична енергија. Потребно е внимателно да се управува со акумулираната вода, да се зачува дел од неа за периодите на најголема потрошувачка и хидроелектраните да се користат таму каде што имаат најголема системска и пазарна вредност“, вели нашиот соговорник.
Сепак, тој додава дека случувањата во регионот покажуваат оти во иднина нема да биде доволно потпирање само на историските хидролошки просеци. Ризикот не е во очекуваното летно намалување на дотоците, туку во тоа сушниот период да трае подолго од планираното, есенските врнежи да изостанат или повеќе земји истовремено да се соочат со намалено производство.
Фотонапонските електрани, вели Андонов, можат значително да помогнат во дневните часови, особено во лето и до крајот на септември, но не можат сами да ја покријат вечерната потрошувачка. Токму затоа се неопходни батериски системи, реверзибилни хидроелектрани, флексибилна потрошувачка, сигурни резервни капацитети и посилни интерконекции.
Најголемиот ризик е регионален. Ако сушата истовремено го намалува производството во Унгарија, Србија, Романија и другите соседни пазари, увозот на електрична енергија може да стане и поскап и потешко достапен. Прекуграничниот капацитет не претставува гаранција дека во моментот на потреба ќе има доволно енергија за увоз.
„За Северна Македонија најважно е да заклучиме дека добрата хидрологија мора рационално да се искористи, а не да создаде чувство на трајна сигурност. Потребни се внимателно управување со акумулациите, расположливи термоелектрани, поголемо производство од фотонапонски и ветерни електрани, батериски системи и силни регионални интерконекции“, вели Андонов.
Климатската отпорност, според него, не значи дека секоја суша ќе предизвика енергетска криза. Таа значи системот однапред да биде подготвен и за состојби што отстапуваат од сезонските и производните планови.

Ќе има ли влијание врз струјата?
Од АД ЕСМ за ДВ велат дека моменталната состојба не создава ризик за домашното производство на електрична енергија.
„Хидропотенцијалот е на стабилно ниво, со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти. Тоа ни овозможува целосно да одговориме на актуелните потреби на универзалниот снабдувач во рамките на планираното производство“, посочуваат од ЕСМ.
Оттаму додаваат дека хидроелектраните продолжуваат да придонесуваат и за стабилноста на електроенергетскиот систем преку обезбедување системски услуги за потребите на АД МЕПСО.
Иако рекордно нискиот водостој на Дунав, Сава и другите реки во регионот создава сериозни проблеми за енергетиката и пловидбата, проценките на експертите се дека Северна Македонија засега има стабилна хидролошка состојба. Сепак, предупредуваат дека климатските промени и сѐ почестите сушни периоди бараат внимателно управување со водните ресурси, акумулациите и енергетскиот систем за да се избегнат идни ризици.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место