Моменталната ситуација покажува дека со сигурност има производи кои се продавале на платформа „Temu“, а кои се повлечени поради небезбедност. Меѓу нив има кадифени мечиња, бебешки играчки, накит како обетки и ланчиња, лепак за дрво и метал кои од различни причини не кореспондираат со стандардите за безбедност и квалитет, пренесува во целост Вистиномер.
Пишува: Мирослава Симоновска
Нискобуџетната кинеска онлајн продавница „Temu“ на крајот на 2024 година им стана достапна на македонските купувачи. Ниските цени, висококвалитетните фотографии од производите и бесплатната испорака направија „бум“ меѓу граѓаните. Сè поголем број семејства прават нарачки од оваа кинеска онлајн-платформа, поради атрактивните цени, но и поради агресивниот маркетинг кој ги „лови“ паричниците од речиси секој агол на социјалните мрежи.
Две години пред „Temu“ да им стане достапна онлајн-платформа на македонските потрошувачи, таа беше креирана и веќе активна во европските држави, во САД и во Австралија. Токму од странските искуства, но и од искуствата за „Temu“ во странство, доаѓаат и некои од загрижувачките дилеми за тоа дали кинеските производи што со еден клик доаѓаат во различни домови ширум светот, а сега и кај нас – ги исполнуваат европските стандарди за квалитет?
Рапидна експанзија испреплетена со сомнежи за отровни производи
„Temu“ нуди стрмоглави попусти и широк спектар на производи, од кои повеќето се испорачуваат директно од кинеските фабрики или магацини. Кога ќе се постави прашањето што се продава на „Temu“, најблискиот одговор до реалноста е – нема што нема. Облека, електроника, детски играчки, козметика, суплементи за убавина – сето ова наликува на американските „долар-продавници“ кои несомнено мамат со својата понуда. Ексклузивните фотографии од производите, добрите препораки од оние што купиле пред вас, ниските цени, исклучително големата понуда што на „Temu“ ја доставуваат 80 илјади индивидуални продавачи, сите заедно креираат магнет за нарачки на производи. Но, со растот на компанијата на светско ниво, почнаа да растат и сомнежите за некои од производите и нивната безбедност. Кулминацијата беше достигната на 31 октомври 2024 година кога Европската комисија формално извести дека почнува истрага за „Temu“.
Европската комисија отвори формална постапка за да процени дали „Temu“ го прекршила Законот за дигитални услуги (DSA). Конкретно ќе се проверува дали продавале нелегални производи, но и дизајнот што создава зависност од „шопинг“ и каков систем користи апликацијата за да им препорача на корисниците да купат нешто од „Temu“. Европската комисија стави акцент на безбедноста на производите, како нешто што е најважно за животот и здравјето на луѓето.
Истрага ќе се фокусира на системите што ги има „Temu“ за ограничување на продажбата на производи кои не се усогласени со регулативите во Европската Унија. Тоа се системи што треба да ограничат претходно суспендирани „непријателски“ трговци, повторно да не се појавуваат на платформата. За нив е познато дека продавале производи кои не се усогласени со европските регулативи. Исто така истрагата ќе биде насочена и на системите што „Temu“ ги има за да ограничи дека стоките што не се усогласени со европските регулативи нема повторно да се појавуваат, извести Европската комисија.
Безбедноста на производите, иако најважна не е единствената точка на интерес на оваа истрага која уште трае. Имено, на Европската комисија ѝ е важно и тоа што потенцијално ваквите платформи имаат дизајн што може да создаде зависност од услугата. ЕК е заинтересирана кои системи „Temu“ ги има за да ги ублажи ризиците што произлегуваат од таквиот дизајн, што може да има негативни последици врз физичката и менталната благосостојба на една личност.
Бизнис моделот на кинеската шопинг-платформа многу брзо стана сомнителен не само во Европа, туку и во САД. Инфлуенсери постојано се појавуваат на социјалните мрежи во Америка и нудат кодови со попусти, додека ги рекламираат производите од „Temu“ кои ги носат на себе. За доставувачите од коишто се купува на платформата, обвинувањата се дека се нетранспарентни и речиси и да не знаете од кого купувате. Од пудри за избелување на забите, до производи за градинарство, „Temu“ нуди илјадници производи по непобедливи цени. Производите доаѓаат во посебни пратки директно од Кина. Се проценува дека само во Германија дневно доаѓаат 400 илјади пратки од „Temu“ и од неговиот „близнак“ – фирмата Шеин. „Temu“ успева да ги обезбеди овие дампинг-цени затоа што оперира исклучиво како место каде се одвива пазарот. Тоа значи дека потрошувачите го добиваат пакетот што го нарачале (поделен во повеќе помали нарачки) директно од производителот или од магацинот на продавачот во Кина. „Temu“ се занимава само со финансиските трансакции и во некои случаи со испораката (шипингот). Во секој случај, платформата е само посредник, кој заработува процент за своите услуги. Токму ова му овозможува на „Temu“ да го избегне складирањето на стоките речиси целосно и така да ги намали цените. За купувачите ова значи и подолги рокови за испорака и подолго чекање да пристигне пратката.
Но, безбедноста на производите е сосема друго поле, за кое веќе во светот има некои индиции кои се неповолни, па дури и застрашувачки. Дали „Temu“ извезува производи во Европската Унија коишто не се компатибилни со европската регулатива, останува да покаже формалната истрага на Европската Комисија.
Кадифени мечиња, бебешки играчки и накит меѓу повлечените производи на „Temu“
Моменталната ситуација покажува дека со сигурност има производи кои се продавале на оваа платформа, а кои се повлечени поради небезбедност. Меѓу нив има кадифени мечиња, бебешки играчки, накит како обетки и ланчиња, лепак за дрво и метал кои од различни причини не кореспондираат со стандардите за безбедност и квалитет.
Во „Temu“ ги цениме нашите купувачи. Ако ни стане познато дека некои нелегални производи се нудат на „Temu“ во Европската економска област, веднаш ќе ги информираме купувачите што купиле таков производ, во согласност со членот 32 од Законот за дигитални услуги (Digital Services Act). Во случај да ги немаме податоците од засегнатите купувачи, ќе ги објавиме релевантните информации односно производите на оваа страница, во согласност со Законот за дигитални услуги, пишува на страницата на „Temu“, а потоа се наведуваат производите што се отстранети од продажба поради небезбедност, а кои претходно завршиле во домови, кај бебиња и кај возрасни.
Но, транспарентноста не е најголема, затоа што не се наведува точната причина поради која производот се смета за небезбеден. На пример, овде е листингот за повлечена кадифени играчка-мече, без да се наведе што точно во материјалите за изработка е неприкладно со европските стандарди. Загрижувачки е што на листата на повлечени производи, најголемиот дел се наменети за деца.
Во повеќе европски држави се тестирани „Temu“ – производи и резултатите се лоши
Во јули минатата година, Италијанската асоцијација за заштита на правата на потрошувачите, нарачуваше производи од „Temu“ со цел да ги тестира. Резултатите беа лоши. Најголемиот дел од 25-те купени производи не биле во согласност со националните ни со ЕУ регулативите за безбедност. На пример, производите наменети за глодање од страна на бебиња на кои им растат забите, прелесно се распаѓале, што е ризик бебето да се задави. Детските играчки рекламирани како „големи сложувалки“ немале инструкции за употреба и всушност не биле сложувалки туку игри. Во Италија се тестирани и балони, нарачани од „Temu“, кои непријатно мирисале на хемикалии со мирис сличен на силикон.
Еден месец подоцна, Данската група за потрошувачите Forbrugerrådet Tænk откри дека тестирала производи од „Temu“ користени од деца како на пример колички, но и електрични производи, адаптери, камери за надзор, козметика и детергенти.
Тие пронајдоа дека 30 од 38 производи не се во согласност со ЕУ законите за безбедност – 11 од 15 играчки за деца „паднаа“ на испитот за безбедност и 3 од 6 средства за заштита од сонце (креми со СПФ фактор) содржеа состојка која повеќе не се користи на данскиот пазар и која ќе биде забранета ширум Европа од 2025 година. Два од адаптерите паднаа на тестот за висока волтажа и носат ризик од електричен шок. Некои од етикетите беа нецелосни, едноставно недостасуваат податоци. Иако „Temu“ ги отстрани производите откако тестот стана јавен, ова укажува на системски проблем.
Ова не се изолирани тестови. Групата за заштита на потрошувачите во Обединетото Кралство најдоа на продажба опасни електрични грејачи како и нелегални оружја без да се наведе минималната возраст на купувачот за да не завршат во рацете на малолетници, пишува Европската организација на потрошувачите.
Австралија тестираше 15 производи – не поминаа за безбедност
Истрага од групата за заштита на потрошувачите „Чоис“ од Австралија најде дека дел од производите што ги нарачале на „Temu“ се опасни за употреба. По случаен избор нарачале 15 играчки за деца. Секој од нив паднал на тестот според австралиските регулативи за безбедност. Тука спаѓаат проектори, детски часовници, лед светилки итн.
Анонимно купивме и тестиравме 15 производи на батерија од „Temu“ и секој производ го тестиравме. Сите паднаа барем на 1 задолжителен параметар според австралиското законодавство, напишаа од „Чоис“.
Според Ешли де Силва од „Чоис“, со оглед на популарноста на „Temu“ резултатите од тестирањето се загрижувачки.
Слични беа и тестирањата од групата за заштита на потрошувачи „Вич“ од Обединетото Кралство која најде опасни грејачи на „Temu“ и ги тестираше. Примероците што ги тестирале, како што се наведува на нивниот сајт, биле лесно запаливи и несоодветни за легална продажба во Обединетото Кралство.
Истрага на „Канал 4“ откри дека на „Temu“ некои производи невистинито се рекламираат како да се „одобрени од безбедносни регулаторни агенции“
На сето ова, се приклучија и предупредувања дека најверојатно дел од производите што се продаваат на „Temu“ се добиени со принудна работна сила.
Американските потрошувачи треба да знаат дека постои исклучително висок ризик синџирите за снабдување на Temu да се контаминирани со принудна работа, се вели во извештајот на Одборот на Партијата на кинеската заедница.
Испитувања на производи од „Temu“ направи и Јужна Кореа, со скандалозни откритија за некомпатибилност со безбедносните стандарди и во оваа земја.
Контроверзи со присилна работа во Ксинјанг, најголем производител на памук во Кина
Во пресрет на новогодишните празници на крајот на 2023 година, тогашната пратеничка во Обединетото Кралство, Алиша Кеарнс побара поголема проверка на „Temu“ за да се осигури дека „консументите не придонесуваат за Ујгурскиот геноцид“. Ујгурите се најголемата малцинска група во кинеската провинција Ксингјанг и претежно се од муслиманска вероисповед. Кина е обвинувана дека држи во заложништво повеќе од 1 милион Ујгури во Ксинјанг против нивната волја изминатите неколку години. Регионот Ксинјанг произведува една петтина од целиот памук во светот и групите за заштита на човековите права изразуваа загриженост, дека многу од тој извезен памук е собиран со присилна работа. Кина ги негира сите овие обвинувања за злоупотреби на човековите права во Ксинјанг.
Но, пратеничката Кеарнс, истакна дека има голема нетранспарентност за тоа од каде е добавувачкиот ланец на „Temu“ и предупреди дека „реалноста на дампинг цените може да доаѓа од потпирање на присилна работа“.
Кога ќе погледнете од каде Temu ги добива своите стоки, каде во Кина тие се произведуваат, може да видите дека ова се области каде знаеме дека има злоупотреба и примена на присилна работа врз Ујгурите. Мојата молба до „Temu“ би била да ни го покажат синџирот на добавување. Покажете ни дека не користите работна рака на поробени Ујгури, рече таа за „Би-Би-Си“.
Сенаторот на Флорида, Марко Рубио кој во ноември минатата година беше номиниран за државен секретар од страна на Трамп, пред неколку години предложи закон за спречување на принудната работа на Ујгурите и тој беше усвоен во 2021 година (Uyghur Forced Labor Prevention Act (UFLPA).
Според него, Департментот за домашна безбедност на САД ( U.S. Department of Homeland Security (DHS) треба да ги блокира увозните пакети за кои била користена присилна работа („ропски труд“).
Истрагата е во тек и за овој аспект.
Бројни ризици од „брзиот евтин шопинг“ се под моментална истрага на ЕК
Ризиците од кинеските платформи за „брз евтин шопинг“ вклучуваат експлоатација на дупките во законите за трговија, нетранспарентен производствен процес, безбедност на производите, користење на работна рака присилно, па дури и злоупотреба на детски труд. Како што пишува „Тајм“ магазинот, ПДД Холдингс (Pinduoduo PDD Holdings) во чија сопственост е Temu, долго време е обвинувана за продажба на фалсификати, нелегални производи, производи коишто не се според описот. „Пиндуодуо“ се брани дека веднаш ги отстранува таквите производи и ги замрзнува сметките на оние што се занимаваат со такви практики. Њујорк Тајмс објави и дека двајца работници на „Пиндуодуо“ починале во 2021 година, после што следеле протести поради долгите работни часови на работниците.
Законот за дигитални услуги на ЕУ е референтната точка спрема која оваа платформа ќе мора да се насочи доколку сака да продолжува да го освојува европскиот пазар. Според Законот за дигитални услуги на ЕУ „Temu“ е означен како „многу голема онлајн платформа“ уште на 31 мај 2024 година. Критериумот за ова е тоа што на 31 мај 2024 година онлајн продавницата имаше повеќе од 45 милиони месечни активни корисници во ЕУ. Само неколку месеци подоцна, „Temu“ пријави ажурирање на состојбата и вкупно 92 милиони месечни корисници, во септември 2024.