ССНМ

СДСМ: Дали ЗНМ, ССНМ и АВМУ имаат упатства за германските медиуми?

Соопштение за јавност на СДСМ

Откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција јавно укажа на сопственичката и политичката поврзаност на Алфа ТВ со унгарските центри блиски до Виктор Орбан, следеше брза и координирана реакција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Сите „скокнаа“ врз Филипче, обвинувајќи го за „притисок врз медиумите“ и „дискредитирачка реторика“, иако тој не нападна ниту еден новинар лично, туку говореше исклучиво за сопствеништвото, релациите со Орбан и политичката улога на Алфа ТВ.

Да потсетиме на фактите што со години ги објавуваат еминентни меѓународни медиуми и истражувачки организации:

  • Алфа ТВ е мнозински во сопственост на унгарски бизнисмени блиски до Орбан (Петер Шац и поврзани лица). Ова го документираа German Marshall Fund (GMF), OCCRP, Direkt36 и други.
  • Медиумот беше дел од поширока мрежа што ја купуваа унгарски инвеститори блиски до Орбан во Македонија, со цел да ја поддржуваат ВМРО и Никола Груевски. Денес оваа мрежа опфаќа 40% од вкупната медиумска сцена во Македонија
  • Постојат сериозни сомнежи за перење пари преку фиктивни реклами, поради што медиумот со години е предмет на постапки пред надлежните институции.
  • Директорот/програмскиот уредник на Алфа ТВ повеќе пати јавно изјавувал дека медиумот ги застапува ставовите и интересите на ВМРО.
  • Наместо да се занимаваат со овие факти, ЗНМ, ССНМ и АВМУ го бранат медиумот кој, според германските и меѓународните анализи, е дел од пропагандна машина на Орбан на Балканот.

Се поставува логично прашање:

Дали овие здруженија имаат посебни упатства кога станува збор за германските медиуми како Frankfurter Allgemeine Zeitung, Deutsche Welle (DW), или кога зборуваат истражувачите од Direkt36 и GMF?

Дали толку многу ги боли вистината? Дали се дел од истата мрежа, или станува збор за директен притисок од страна на Христијан Мицкоски и ВМРО?

За приватното здружение на Латас и Ивона, нивните врски ни се повеќе или помалку јасни. Но за останатите, не се.

Кога ние од СДСМ поднесовме десетици пријави за медиумска омраза, лажни обвинувања и координирани црни кампањи и јавен линч (вклучително и оние во кои Венко Филипче се споредуваше со убиец на деца), истите овие институции рутински ги отфрлаа или ги игнорираа. Нè советуваа да се обратиме до обвинителството, кое, за жал, е под целосна контрола на актуелната власт.

Еве, сега ќе го направивме и тоа. Нека нè известат за исходот.

Истото го направивме и со доказите за корупција во тендерите – одговорот секогаш беше ист: „татко не е татко“.

Затоа прашуваме отворено: каков совет или осуда имате за германските медиуми кои пишуваат за овие врски?

Ќе ги осудите ли и нив?

Ќе го осудите ли и идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, кој јавно го нарече режимот на Виктор Орбан „криминална организација“?

Ве молиме конечно да ни кажете: како во вашата терминологија се означуваат луѓето и медиумите вмешани во корупција, перење пари и политичка пропаганда?

Дали постои некоја нова ВМРО-терминологија, како што мигрантите ги преименуваа во „економски работници“?

До тогаш, додека не ни дадете нов „прирачник“ – ние ќе продолжиме оваа екипа, во согласност со европската пракса и јазикот што го користат европската опозиција и меѓународните истражувачи, да ја нарекуваме она што е: Организирана криминална група (ОКГ), или народски речено: БАНДА.

СДСМ останува на ставот дека слободата на медиумите не значи слобода за перење пари и политичка пропаганда за странски авторитарни режими.

Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!