Вработените во центрите за социјална работа во Скопје, денеска (26 март) останаа во своите канцеларии иако сакале да организираат собир во знак на поддршка за нивната колешка од Прилеп која беше застрелана пред два дена. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски попладнево изјави дека тие од вчера добивале притисоци и заплашувања да не излезат пред нивните работни места.
На прес конференцијата на која побара поголеми мерки за заштита и безбедност на вработените во овие центри, тој беше сам иако како што рече, планирано било со него да има голем број вработени.
„За среќа, нашата колешка е во добра здравствена состојба и брзо се опоравува, но за жал, од вчера вечер по наредба на Министерството за труд и социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите. Сите се заплашени и им се закануваат дека доколку излезат надвор и дадат поддршка на колешката барајќи било какво друго право, ќе бидат избркани од работа или прераспределени на други места“, изјави Деаноски.
Исти барања од 2023
Барањата кои синдикалците ги имаат до властите се, како што рече тој, исти од 2023 година. За настанот во Прилеп во кој социјална работничка беше погодена со куршум во раката и во стомакот, Деаноски оцени дека е само „кулминација на сите напади досега“.
„Првото барање за кое имаме разговарано и со поранешните министри е обезбедување на безбедноста на вработените. Во центрите за социјални работи работат даватели на услуги, административни службеници и помошно-технички лица. Секогаш работат со најмаргинализираните групи во нашето општество и се изложени на голем ризик, напаѓани се и вербално и физички“, рече Деаноски.
Тој додаде дека вработените во центрите за социјална работа не добиваат надоместок за дежуство, ниту бенефициран стаж. Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не се исполнат барањата, тој рече дека за тоа допрва ќе одлучат членовите на синдикатот.
„Што ќе биде понатаму, ќе видиме по преговорите со нив. Во овој момент излезени се надвор и колегите од Велес, Прилеп Куманово, Тетово и Гостивар. Само во скопските центри имаше најмногу притисоци да не излезат колегите кои сакаа да ѝ дадат поддршка на колешката застрелана на работно место. Поголем апсурд од тоа нема. Да имавме ние работодавачи како што треба, досега сите ќе беа во Прилеп да ја посетат колешката во болница, ќе ѝ дадеа надеж дека вакво нешто нема да се случи“, истакна Деаноски.
Непосредно пред прес конференцијата, Министерството за социјална политика, демографија и млади преку писмено соопштение го осуди насилното однесување кое ја става во ризик физичката и психичката состојба на вработените во центрите за социјална работа
Центарот за социјални работи Прилеп, ја започна постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава. Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка, велат од Министерството.
Оттаму апелираат до сите институции навремено и ефикасно да се преземаат дејствијата кои се во рамки на нивните надлежности, а „во насока на обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени“.
Повредената социјална работничка е во стабилна состојба
Триесет и шестгодишната вработена во прилепскиот Центар за социјални работи беше застрелана во понеделникот околу 14 часот.
Директорот на Центарот, Зоран Малкоски информираше дека таа е во стабилна состојба. Според него, ваквото пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава. Тој додаде дека по трауматскиот настан, дел од вработените исто така побарале медицинска помош.
Истиот ден, Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата во Прилеп во врска со настанот лишила од слобода педесетгодишен прилепчанец со иницијали А.Ј. во чија близина се пронајдени пиштол и нож. Обвинителството пак, информираше дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место во простории на Центарот за социјални работи – Прилеп
Осомничениот, според првични сознанија, претходно подолг период ја демнел и загрозувал сигурноста на жртвата за што биле водени соодветни кривични постапки против него, меѓутоа избегал од институција во која издржувал мерка задолжително психијатриско лекување, наведуваат од Обвинителството.
Осомничениот имал повеќе кривични дела против социјалната работничка, загрозување на нејзината сигурност. Претходно тим од Центарот водел предмет против него за семејно насилство, истакна обвинителот Стевчо Биноски.
„Во Центарот тим водел предмет против осомничениот за семејно насилство. Но социјалната работничка имала преземено некакво процесно дејствие. Претходно тој извршил неколку кривични дела спрема социјалната работничка. Во едното дело му била определена мерката од 1,3 години во психијатриската установа Демир Хисар, а во другото дело имаше определено затворска казна, но предметот е пред апелација“, изјави Биноски.
Обвинителството бара притвор за осомничениот напаѓач
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишниот прилепчанец, кој освен што ја застрелал социјалната работничка, во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со пиштол марка „берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија. Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил ѝ нанел површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот ѝ нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината – соопштија од Обвинителството.
Во соопштението се додава дека директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, посочија од Обвинителството.
Во меѓувреме, социјални работници во Прилеп, Неготино и Тетово вчера (25 март) изразија поддршка за нивната 36-годишна колешка, која беше ранета. Побараа итни мерки за заштита – нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
Извор: РСЕ