Дебати, креирање видеа, презентации и квизови – наставниците ги користат сите алатки за оценување преку онлајн наставата

Одмина месец и пол откако започна учебната година, а денеска учениците треба да ги имаат првите оценки. Овој пат, наставниците и професорите имаа покус временски период да ги оценат основците и средношколците за разлика од минатите години кога учебната година започнуваше на први септември. Наставниот кадар вели дека ова се одразило на работата и согласни се дека постои разлика во оценувањето преку онлајн пристапот, како и за тоа дека првите оценки можеби и нема да бидат најреални, но дека следните во текот на годината поверодостојно ќе го отсликуваат знаењето на учениците.

Наставничката по информатика, Георгина Димова од Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино, во изјава за Мета.мк вели дека на часовите се труди активно да вклучи што повеќе ученици преку поставување на прашања во текот на лекциите, како и потсетување на минатите содржини, сè со цел да утврди колку учениците научиле, дали ја разбираат материјата, но и да ги држи активни и концентрирани на лекцијата која ја предава.

„На платформата редовно поставувам лекции. Тие се посебна и многу интересна активност на националната платформа кои се комбинација од мултимедија, текст и кратки квизови. Исто како и лекцијата во живо. Започнувам со видео лекција која претходно ја снимам и им покажувам сè што треба да научат децата. Потоа следи текстуално објаснување со слики и забележување на она што треба да се научи. Потоа следат кратки прашања за да се види што научиле учениците. И сето тоа спакувано во еден пакет. Тоа е активност која ми овозможува да ги следам учениците. Имено за секоја лекција добивам извештај во кој гледам кој ученик ја отворил лекцијата, ја читал, одговарал на прашањата, како одговорил. Дали го изгледал видеото, колку минути посветил на лекцијата, бидејќи 3 минути и 15 минути не е исто. И на крајот давам бодови според активноста на ученикот. Тоа многу ми помага во формирањето на оценката. Секако, има проблеми и понекогаш платформата не функционира баш најдоборо, но тоа се надминува“ појаснува наставничката Димова.

Освен тоа, таа обрнува внимание и кога подготвува квизови. Како што вели Димова, прави по 10 различни квизови за одделение кои ги дава на различни ученици со цел да го намали препишувањето колку што е возможно, а воедно ги меша и самите прашањата и задава временски лимит. Доколку забележи дека имало препишување, тие ученици ги испрашува и усно.

Професорката по социологија, Надица Т. Јанева од СУГС „Георги Димитров“ смета дека оценката не може и не треба да биде изведена од еден сегмет, туку треба да е сумативна и резултат на повеќе проверки. Иако нејзиниот предмет, учениците го учат првпат во втора година и не се познаваат, сепак процесот се одвива.

„Јас задавав домашни задачи од самиот почеток кои се креативни и имаат личен печат, така што учениците навистина мораа да ги сработат сами. Секоја активност на часот е евидентирана и на крај секој ученик/чка има можност да одговори усно на 2-3 куси прашања. На крај ученикот/ката се самооценува и верувајте во над 90 отсто оценката ни се поклопува“ изјави Јанева за Мета.мк.

Таа посочува дека со оглед на кусото време, подготовките, предизвиците со технологијата, притисокот кој сите од образованието го чувствуваат, периодот на оценување ги затекна брзо и бара доста напор.

Не е исто да оцените знаење на ученик/чка кој/а стои пред вас и некој кој го гледате матно, со слушалки, со дилема дали ќе го ислушате без пречки, и слично, вели професорката Јанева.

И професорката по македонски јазик, Снежана Станкова од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје се согласува дека се чувствува разлика во оценувањето и тоа најмногу поради самото присуство и експресијата која ја даваат професорите, но и ја добиваат од децата. Како што потенцира таа, решението е едноставно – „ако му докажете и покажете на ученикот дека не се учи за оценка туку за знаење и ако сте делувале воспитно пред оваа ситуација“.

„Мојот предмет, македонски јазик и литература дозволува широк спектар на проверка на знаењата. Активноста на час е најважна, интеракцијата која ја „убива“ здодевноста. Дебата, креирање на видеа, презентации, глума онлајн. Треба да сфaтиме дека сега сме на нивни терен, а тоа може да ни дозволи да ги направиме лидери на часот, а не пасивни гледачи. Доколку ученикот не е задоволен од оценката , демократски , наоѓаме начин истата да се поправи. Стимул, а не притисок. Креативност, поттик за следен час да биде подготвен со подобар одговор. Единствено што не „гази “ е времето кое ни е ограничено. Но ученикот треба да знае дека ако сега оценката е послаба, имаме полугодие, па уште едно итн. Има време за сè. Само треба желба и позитивна мисла“ вели Станкова.

Професорката Мирослава Микица Трујкановиќ, од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје појаснува дека на стартот на учебната година на родителите и учениците им била посочена важноста за присуство, но секако и простор за избор, доколку некој одлучи и сака да ја следи наставата со далечинско учење. Во моментов во средното уметничко, има ученици кои ја следат стручната настава со физичко присуство (во поголем број) и со учење на далечина. Во врска со оценувањето вели дека е исто за сите ученици.

„На неделно ниво се прави анализа за секоја задача, а оценката се добива со преглед на сите училишни и домашни задачи за одреден период. Секогаш гледам да ги применам критериумите за оценување со кои учениците се запознаени. Многу често учениците и се самооценуваат, каде се трудам да ги научам да се самокритични, реални во проценките на естетските вредности и личните постигнувања. Воедно, во овој тежок период за сите посебно обрнувам внимание за психофизичката состојба на учениците и стојам на располагање на секој ученик за било каков дополнителен совет“ изјави професорката Трујкановиќ.

Како што додава таа на крајот на оценувањето, на ученикот му се дава можност да се изјасни дали е задоволен од оценувањето и му се дава простор за образложение, дискусија. Трујкановиќ вели дека секогаш има разбирање за оправданите причини на голем број на ученици доколку некој дел од целината недостасува. Поради тоа им дава втора, и трета шанса, со една цел, да го спознаат и развијат својот талент, да ги спознаат вистинските естетски и човечки вредности и да станат подобри луѓе во целина.

„Изведбата на стручните предмети е со практична работа, со интерактивен физички пристап, каде што на секој ученик индивидуално му се посветува време за корекции и анализа на ликовното дело. Искрено предизвикот е многу голем за нас наставниците, затоа што за првпат се наоѓаме во ситуација во која немаме избор и самосвесно со свој личен пристап изнаоѓаме начини како да ги пренесеме цртачките вештини, што верувајте е многу тешко. Повлекувањето на една линија во одреден цртеж, задача, има своја енергија, свој јазик, своја естетика, своја мерка што јас усмено преку компјутер не можам да му ја пренесам на ученикот во целина. Еден обичен маус не може да долови реално цртање. Во еден дел импровизираме, но за среќа на крајот сепак успеваме да добиеме резултати на взаемно задоволство“ додава професорката од средното уметничко училиште во Скопје.

Имајќи ги предвид сите пречки и потешкотии поради ситуацијата со пандемијата и онлајн наставата, професорите велат дека ги користат сите ресурси што им се на располагање, притоа не заборавајќи го и менталното здравје на учениците.

Оваа учебна година при формирање на оценки наставниците треба да ги следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование. Во случаите каде што од различни причини за еден ученик не ќе може да се формира оценка онлајн, наставникот ќе треба да се организира индивидуални средби.

Пред само неколку дена, министерката за обрзование и наука, Мила Царовска во ТВ интервју изјави дека нема причина зошто распустот да почне порано и да се крати од наставата, затоа што нема драстичен раст на бројките на позитивни наставници и ученици во училиштата. Кон крајот на минатиот месец, Царовска изјави дека актуелниот модел на настава да остане до крајот на учебната година поради ситуацијата со ковид-19. Од Сојузот на средношколци пак, рекоа дека засега нема да ја бојкотираат онлајн наставата, иако претходно имаа такви најави.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …