Земјите од регионот го стегаат обрачотоколу пристапот на децата до социјалните мрежи. Со порастот на негативните последици – од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни предизвици, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех – сè почести се иницијативите за заштита на малолетниците.
По примерот на повеќе европски држави, и во Македонија е покрената петиција која бара забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и строга регулација на пристапот за малолетници до 16 години. Петицијата е иницирана од граѓанската „Иницијатива за безбедно детство“.
Според иницијаторите, целта е државата да воведе законски измени и системска регулација што ќе ја зајакне дигиталната безбедност, приватноста и менталното здравје на најмладите.

Што се бара со петицијата?
Иницијативата предлага воспоставување законска и практична рамка која вклучува:
- Забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и строги услови за регистрација и користење за деца до 16 години, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку платформите не ги исполнат стандардите.
- Обврска за платформите да воведат технички и правни механизми за потврда на родителска согласност и ограничување на пристап за деца под 12 години.
- Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување содржини за детски профили.
- Засилена заштита и обработка на детски лични податоци согласно национални стандарди.
- Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување штетна и опасна содржина.
- Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Кордалов: „Без родителско учество, мерките нема да успеат“
Комуникологот Борјан Кордалов за ДВ вели дека забраните можат да бидат ефикасни само доколку имаат поддршка од мнозинството и ако се спроведливи во пракса.
„За да успее забраната, потребна е целосна вклученост на родителите. Институциите сами не можат да спроведат вакви мерки. Улогата на родителите, наставниците и професорите е клучна“, посочува Кордалов.

Тој потсетува дека денес родителите носат поголем товар од кога било: „Тие имаат исти одговорности како претходните генерации, но дополнително треба да ги водат децата безбедно и во дигиталниот свет. Оваа реалност мора да се препознае и да се обезбеди институционална поддршка“.
Кордалов потенцира дека е неопходно општеството отворено да разговара за предизвиците поврзани со заштитата на децата онлајн. Тој предупредува дека балканските општества немаат силна традиција на инклузивен дијалог, што може да го намали ефектот на рестриктивните мерки.
„Македонското и балканските општества, за жал, не негуваат традиција на ваков систем на комуникација и инклузивност, па оттука не сум сигурен дека која било мерка со забрани, прво, реално целосно би се спровела и второ, би дала ефект или можеби повеќе контраефект“, укажува тој.
Затоа, треба да се стави сериозен фокус на интернет користење од страна на секое дете кое ќе биде прилагодено на соодветната нивна возраст, што означува и таков тип на содржини. Но, истовремено, да се обезбеди и правна рамка која ги охрабрува децата од најмали нозе да бидат активни дигитални жители, но и свесни за последиците кои можат да ги предизвикаат со несоодветното постапување и вештини како да се заштитуваат онлајн.
Правната рамка мора да биде усогласена со стандарди на ЕУ и да предвидува казни за технолошките компании кои не ги почитуваат правилата.
Меѓународни практики: Европа го крева прагот на минимална возраст
Дигиталната ера носи нови ризици, а децата се најранливи. Алгоритмите и дизајнот на платформите често ја експлоатираат нивната ранливост, создавајќи зависност, изобличена самоперцепција и проблеми со концентрација.
Во последниве години повеќе држави презедоа конкретни чекори. Австрија, Шпанија,Франција, Данска, Шведска и Австралија воведоа строги ограничувања за социјални мрежи за деца, а забрани за деца под 15 години најавува и Словенија. . Обединетите нации препорачуваат подигнување на возрастa за дозволена употреба. Европскиот парламент предлага минимум 16 години за неограничен пристап до социјални мрежи во ЕУ.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место