Една деценија по вооружениот напад во Диво насеље, многу прашања околу мотивите и организаторите на настанот останаа неодговорени. Во дводневната престрелка на 9 и 10 мај 2015 година, животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица.
„Денеска се навршува една деценија од трагичните настани на 9 и 10 мај во Диво Насеље, во мојот роден град Куманово, кога храбри припадници на МВР ги положија своите животи, извршувајќи ја својата должност со несебична пожртвуваност“, објави на Фејсбук, Сашо Петрушевски, државниот секретар во МВР.
Тој изрази длабока почит кон паднатите херои. „Нивната храброст и саможртва се вградени во темелите на безбедноста на Македонија. Вечна им слава и длабок наклон пред нивното дело. Нека нивната жртва биде вечен потсетник за значењето на мирот, стабилноста и достоинствената служба кон татковината“, вели Петрушевски.

Многу нејаснотии околу случајот
Инцидентот се случи по четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на т.н. „бомби“. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот е обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ кои ја демаскираа власта и од масовните протести во Скопје, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини напаѓачите од Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.
Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за најблиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков, и министерот за транспорт, Миле Јанакиески.
Две години по крвавиот инцидент, 33 лица учесници во нападот кои обвинети за тероризам, добија затворски казни: седуммина беа осудени на доживотна затворска казна, 13 лица на 40 години затвор, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца на 14, двајца на 13 и двајца на 12 години затвор. Пресудата предизвика протести во Македонија и во Косово, а косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.
Но, до денеска јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово, кои се мотивите и нарачателите.
Денови на жалост и болка
Според партијата Вреди, во темната колективна меморија на Албанците во Северна Македонија, 9 и 10 мај 2015 година ќе останат засекогаш како денови на жалост и болка. Во Куманово се одвиваше една од најтрагичните и најмрачни настани по конфликтот – крвава акција која одзеде човечки животи, уништи домови и остави длабоки рани во душата на албанскиот народ, велат тие.
Според партијата, „настаните во Куманово не се само горчлива страница во нашата историја, туку и јасен доказ за моралниот, политичкиот и институционалниот неуспех на тие што со години ја злоупотребуваа власта во име на Албанците“. Тие бараат вистината за 9 и 10 мај никогаш да не избледи и одговорните за оваа трагедија да се соочат со правдата.
Ќе има ли екстрадиција во Косово?
Косовските власти веќе подолго време бараат осудените да бидат префрлени на издржување на затворската казна во Косово. Во меѓувреме инфомациите од Македонија беа дека барањата поднесени од косовската страна се нецелосни, поради што се работи на нивно докомплетирање. Согласно македонското законодавство, сите осудени лица кои се странски државјани можат да бараат трансфер во матичната држава по Конвенцијата за трансфер на осудени лица со дополнителен протокол и со Законот за меѓународна соработка во кривична материја и други закони.
Министерот за правда Игор Филков во октомври минатата година ја посети Приштина каде со косовската министерка за правда Албулена Хаџиу, разговараше за две отворени прашања од интерес на двете земји – случајот „Монструм“ и за „Диво насеље“. Министерот Филков тогаш посочи дека сите предмети се земени во работа и дека се постапува со нив согласно националното законодавство и сите меѓународни стандарди.
Извор: DW