Декларативните изјави не значат ништо без конкретни активности во спречување на корупцијата

Декларативните изјави не значат ништо без конкретни активности во спречување на корупцијата

Декларативните изјави за значењето и спроведувањето на фундаменталните права не значат ништо без конкретни и сериозни активности во спречувањето на корупцијата, во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни како институциите, Парламентот, граѓанските здруженија, академската средина и сите итересни групи.

Ова беше заеднички заклучок на денешната дебата на платформата Зум на тема „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство?“ во рамките на деветтата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), во организација на Европското движење.

„Не е доволно само да се лоцира проблемот, туку треба да се дојде до нови одговори за старите прашања за корупцијата“, изјави националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Милева Ѓуровска. Таа посочи дека Националната конвенција креираше аналитички пристап кон овој проблем поврзан со корупцијата во нашата држава и донесе низа конкретни препораки за негово решавање.

Во дебатата беа вклучени претставници на здруженија и асоцијации, на синдикатите, универзитетски професори, како и експерти од Словачка.

Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај, рече дека дури и во Словачка, која е членка на ЕУ веќе 17 години сé уште трае борбата против корупцијата и враќање на довербата на јавноста.

„Процесот на борба против корупцијата  е многу важен и не смее да заврши ниту со добивање датум, па дури ни со целосно членство во ЕУ“, изјави Стражај.

Зузана Петкова, управен директор на непрофитната организација „Стоп Корупција“ од Братислава го подели искуството од Словачка, посочувајќи неколку конкретни случаи во борбата против корупцијата, рече дека дел од најважните алатки во нејзината држава се поттик на свиркачите, односно, доушниците или т.н. шепкачи, контрола на јавните набавки, поддршка на истражувачкото новинарство и подигање на јавната свест преку разни кампањи.

Државната секретарка на Министерство за внатрешни работи, Магдалена Несторовска, констатира дека корупцијата е присутна во сите сфери на општественото живеење и дека борбата против корупцијата е прв стратешки приоритет, но дека за реални резултати таа треба да биде сеопфатна на сите сегменти.

„Не може да се чисти само еден дел од општеството, туку е потребна соработка на сите ресорни министерства од детектирање, преку градење интегритет, до подигнување на свеста“, рече Несторовска.

Дипломатот Андреј Лепавцов укажа дека корупцијата ги ослабува институциите и претставува сериозен проблем за безбедноста на државата, додека професорот од Факултетот за безбедност УКЛО од Битола, Трпе Стојановски ги посочи разликите меѓу тоа како треба и каква е состојбата.

„Иако изминатите две – три децении се правеа клучни и сериозни реформи и тезите на секоја власт се целосна посветеност на прашањето за антикорупција и негово поставување на рамниште на приоритет, ние сé уште имаме сериозен проблем со корупцијата“, изјави Стојановски. Причини за тоа има повеќе, а дел од нив се неколкуте амнестии, одливот на мозоци, па и пандемијата. Затоа, како што додаде, треба да се посвети внимание на владеењето на правото и на јакнење на транспарентноста, кои се суштински во оваа фаза.

„Една од клучните точки е недостиг на транспарентност што треба да овозможи подетално информирање на граѓаните за постапките при назначување на кандидатите за вршење на јавни функции, за јавните набавки и други информации за кои јавноста има право да добие информации“, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.

Според неа, состојбата со корупцијата е многу сериозна. „Достоинството, добрината, почитта, чесноста, личната свест, одговорноста, радоста и спокојот се вредности со кои се тргува во желбата за профит и алчност“, вели таа и додава дека „не постои почитување меѓу луѓето, ниту почитување на институциите, а најмалку на законите“. Како најподложни сектори на корупција ги посочи урбанизмот и општините, менувањето на систематизациите за вработувања со непотизам и партиска припадност, изборите и разрешувањата на директори на јавните претпријатија, а најстрашно е тоа што во ваквите предмети што ги чешла ДКСК не наидува на искажан отпор.

Се очекува дека препораките на домашните и странските членови на Работните групи за ефикасно справување со корупцијата преку вклучување на пошироката јавност во овој процес, давање поголема надлежност и поголема ресурсна опременост на независните тела, односно градење на механизми на надворешна контрола, ќе бидат корисни за напредување во Поглавјето 24 од пристапните преговори за членство во Европската Унија.

###

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е финансиран од УСАИД и Словачката агенција за развој.

Прочитајте повеќе

Владата анализира, но засега не планира да ги покачи давачките за цигарите – заштитата од пушењето ќе се воведувала „фазно“

Владата анализира, но засега не планира да ги покачи давачките за цигарите – заштитата од пушењето ќе се воведувала „фазно“

Владата сè уште нема конкретен план дали и кога ќе ги зголеми цените на тутунот, …