Бојкотот на онлајн наставата на дел од средношколците во земјава продолжи и денеска, при што Министерството за образование и наука (МОН) и Сојузот на средношколци не отстапуваат од своите позиции. Од МОН информираат дека министерката Мила Царовска денеска одржала онлајн состанок со директорите на средните училишта, на кој е донесен заклучок дека МОН има законска обврска да ја организира матурата за оние ученици кои планираат да го продолжат образованието, бидејќи таа е услов за запишување на факултетите во државава и во странство.

„Според податоците на училиштата полагање на матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година“, велат од МОН.

Тие тврдат дека матурата е право на избор и на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите, ќе им биде овозможено да полагаат. Од МОН велат дека уште на почетокот на првото полугодие беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети.

„Државниот испитен центар, МОН и средношколците заеднички ќе работат на целосно нова концепција за полагање на државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна група во која ќе бидат вклучени и средношколците“, посочуваат од МОН.

Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставениот комбиниран модел, затоа што тоа е во најдобар интерес на сите ученици, но во интерес и на заштитата на јавното здравје.

Наспроти ова, од Сојуз на средношколци тврдат дека 70 отсто од средношколците во земјава ја бојкотираат онлајн наставата. Од таму велат дека не се залагаат за откажување на матурата и сметаат дека државна матура мора да има.

Тие остануваат на ставот дека треба да има измени во одржувањето на матурата за оваа учебна година. Средношколците бараат да се намали бројот на предмети за државна матура. Тие бараат да полагаат два наместо четири предмети на државната матура.

„Претставници на Сојузот беа поканети и прифатија учество во работна група за концепцијата за матура, но оваа концепција би се применувала од идната учебна година“, велат од Сојузот на средношколци, апелирајќи до институциите да ги прифатат нивните барања.

Од Министерството за образование и наука велат дека државната матура е избор и е потребна за учениците коишто планираат да го продолжат образованието на факултетите. Во концептот за матура предвидена е и училишна матура, која е избор на учениците што нема да полагаат државна матура. Таа опфаќа избор само на два предмета (задолжителен и изборен) и проектна задача. Исто така, матурантите од средните стручни училишта имаат можност да изберат и завршен испит, со истиот концепт од два предмета, задолжителен и изборен и проектна задача.

Извор: МЕТА