Делчево доби грант за изградба на градската капела

Делчево доби грант од Министерството за финансии за изградба на градска капела, во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.

Денеска во Министерството, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски го потпиша Договорот за грант во висина од 1.852.635 денари со министерката за финансии Ширет Елези и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели. Вкупниот буџет за реализирање на проектот за изградба на градска капела изнесува 7.364.136 денари од кои општинското кофинансирање е во износ од 5.511.501 денари и МСИП-грантот од 1.852.635 денари.

Градоначалникот Трајковски при потпишување на Договорот истакна дека реализацијата на овој проект ќе донесе значителни придобивки за градот Делчево, бидејќи верските обреди при погребувањето на починатите лица ќе се вршат во придружно – услужниот објект капела – мртовечница со што ќе се надмине досегашната практика, тие да се вршат во домовите на покојниците.

-Со овој проект ќе се овозможи подобрување на санитарно – хигиенските услови и заштита на населението од заразни болести со обезбедување услови за чување на покојниците, ќе се олесни погребалниот чин за семејствата на починатиот и ќе се изврши модернизација на објектите на комуналната инфраструктура кои се добра од јавен интерес. Директни корисници од имплементацијата на овој под-проект се припадниците на семејствата на починатите лица, додека индиректни корисници се сите жители од Општина Делчево, истакна Трајковски.

Проектот предвидува изградба на придружни и услужни објекти на гробишта – капела – мртовечница со ладилник и помошни простории. Планираната локација за изградба се наоѓа северозападно од градежниот реон Делчево во непосредна близина на градските гробишта. Објектот е планиран со максимална висина до 8,5 метри. Во рамки на парцелата предвидени се паркинг места за 16 лесни возила, како и пристап за возилото за носење на ковчегот во мртовечницата и пешачка патека за вработените лица и посетителите, како и парковско зеленило. Објектот мртовечница – капела е предвиден како правоаголен објект со димензии 17,5/12,3 метри и вкупна површина од 190,42м2  со сите придружни простории и комора.

Тендерот за изградба на капелата е во фаза на подготовка, а согласно со техничката документација градежните работи треба да заврши за 3 месеци, односно до завршување на МСИП- проектот до 31 март 2020 година.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …