Делчево: Отчет - две години локална власт

Делчево: Отчет – две години локална власт

Отчет на градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски за практикувањето на локалната власт во изминатите две години: 

Реализирани капитални инфраструктурни проекти во Делчево

Четири капитални проекти се во фаза на реализација, а во моментов во Делчево се реализираат инфраструктурни проекти во вредност од 120 милиони денари. Ова денеска го истакна градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, на прес-конференција во која главна тема беше реализацијата на  инфраструктурните проекти. Прес-конференцијата се одржа во рамките на отчетот по повод две години локална власт предводена од Трајковски како градоначалник.

Трајковски истакна дека ќе се гради современ градски пазар, градска капела, а во фаза на реализација е пешачкиот мост и инфратсруктура во наелбата Басарица.

– Делчево добива современ градски пазар. Обезбедивме средства за реализација на овој капитален проект, ветен во Програмата. Дел од средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој. Со овие средства ја започнуваме првата фаза од изградбата која е со вкупна финансиска конструкција од околу 20 милиони денари. Во тек е тендерската постапка за изградба на градската капела, со вкупна вредност 7.364.136 денари од кои општинското кофинансирање е во износ од 5.511.501 денари и МСИП-грантот од 1.852.635 денари. Пешачкиот мост на реката Брегалница е готов, во фаза на реализација се пристапните рампи. Вредноста е 8, 2 милиони денари. Околу 60% е учество од ИПР, преку Бирото за регионален развој,  а останатите околу 40% се кофинансирање од Општина Делчево, истакна Трајковски

Тој додаде дека е посебно горд што како градоначалник во првите две години од мандатот, се решава круцијален проблем во населбата Басарица и Полето.

– Овде се гради првата патна инфраструктура во населбата во должина од 1 км и канализација во должина од 2 км, а вредноста на проектот е 25 милиони денари. Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, а ДДВ во висина од 18% е од општинскиот буџет, истакна Трајковски.

Во прегледот на инфраструктурните проекти како еден од најважните инфраструктурни проекти ја потенцираше рехабилитацијата на транзитниот булевар „Македонија“ кој е дел од државниот пат А -3, со вкупна должина од 3,5 км. Инвеститор на работите е Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувач е ГП Гранит. Вкупната вредност на проектот е 32.464.582 денари. Потоа, рехабилитацијата на 5 км од патниот правец Делчево-Ѕвегор-Граничен премин, како и најкритичниот дел од патниот правец Делчево- Пехчево во должина од 11 км, преку ЈПДП со проект од Светска банка, а исто така, се реконструираше и патниот правец с. Бигла-Виница, при што е проширен коловозот од 3 м на 5 метри, а наредната година ќе се доизградат уште 3,5 км од оваа делница.

Трајковски најави реализација на големи инфраструктурни проекти во Делчево:

– Наскоро треба да започне реконструкцијата на улиците „Вера Јоциќ“, „Маршал Тито“ и улица 7 во населба СРЦ. Односно, ќе се реконструираат улиците „Маршал Тито“, на потегот од касарната до Таушанското маало во должина од 743 метри, потоа улицата „Вера Јоциќ“ над гимназијата „М.М.Брицо“ во должина од 599 метри и улица 7 во населба СРЦ, каде ќе се гради комплетно нова улица во должина од 290 метри. Реализацијата на овој проект е преку Проектот за подобрување на општинските услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка со подзаем во износ од 32.252.287 денари.  Преку оваа Програма во рамките на проектот„Општински и рурални инвестиции“, ги реконструиравме најфреквентните улици во Делчево „Светозар Марковиќ“, „Питу Гули“ и „Маршал Тито“ со вкупна должина од над 1,2 км., изградени се и тротоарите на улиците и сообраќајна сигнализација.

Градоначалникот Трајковски истакна дека во тек се градежните работи за изградба на улицата „Станбена улица 4“ во должина од 200 м, која ќе го поврзува новиот пешачки мост со детската градинка во Делчево и дел од „Станебната улица 3“ која се вкрстува со оваа улица со цел дополнителна пешачка и сообраќајна комуникација на стариот дел на градот со новиот дел. Во тек е изградба на дел од крак 2 во населбата Шумски расадник кој претставува крак од ул „Орце Николов“.

Тој ги спомена и завршените проекти: целосната реконструкција и асфалтирањето на 190 метри од  улицата „Македонска“ во населбата Милково Брдо, првата улица во населбата „Пролет“ во должина од 261 метар, дел од улицата „Никола Јонков Вапцаров“ во центарот на Делчево во должина од 80 метри, изградена улица во селото Габрово која жителите на ова село ја бараа со години, а е во должина од 198 метри.

– Во подготовка е реконструкција на крак од ул. „Кеј на Брегалница“, средства обезбедени од Буџетот на РСМ за поддршка за имплементација на Стратегијата за Ромите годинава ќе се реконструира крак од ул „Кеј на Брегалница“. Минатата година преку оваа Програма решивме голем инфраструктурен проблем во ромското маало со изградбата на улицата „Илинденска“ и изградбата на потпорниот ѕид на оваа улица. Во соработка со ЈПКД „Брегалница“ продолжуваме со уредување на пристапните патеки и тротоари кои се со земјена подлога. Се изградија тротоарите пред станбениот комплекс на ул. „Кеј на Брегалница“, ул.„Илинденска“ и пристапни патеки на крак од улица „Орце Николов“ и „Острец“. Согласно со Програмата на ЈПКД „Брегалница“ и на Општина Делчево и во наредниот поериод е планирана изградба на тротоари и пристапни патеки во градското подрачје, рече Трајковски.

Се решава децениски проблем и за жителите кои гравитираат во селата Илиово-Турија-Трстија. Со средства од Програмата за  финансирање проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби за финансирање во 2019 година, Општина Делчево со доизградба на околу 500 метри, ќе ја заокружи изградбата на локалниот пат Илиово-Турија, делница од с. Турија до с. Трстија. Вредноста на проектот е околу 2, 8 милиони денари. Претходната година се изградени околу 400 метри од оваа делница, исто така, со средства од оваа Програма во висина од 2 милиони денари.

-Во овие две години создаваме отворена и услужна општина за сите. Во редовните термини за прием на странки, но и во текот на целата работна недела, во овие две години сум примил околу 2000 граѓани. За дел од нивните барања кои беа од сферата на услуги кои се во надлежност на Општината, е постапено веднаш, додека останатите се во постапка. Ја подобривме ефикасноста на општинската администрација. Одделението за урбанизам и заштита на животната средина, каде со години чекаа предмети за решавање, ја подобри ефикасноста во донесување решенија за легализација на бесправно изградени објекти. Само во тековната година се решени 250 предмети, лани бројката на решени предмети беше 130. Додека во минатиот период се решаваа по 50 предмети годишно. Со мојот тим од Општината и со советниците од општинскиот Совет имавме квалитетен период, решивме огромни проблеми на граѓаните, но отстранивме и многу непродуктивни трошења. Овде ќе ја споменам и Одлуката која на моја иницијатива, беше поддржана од Советот на Општина Делчево, со која целата општинска администрација и јас како градоначалник, се откажавме од службените патни трошоци.  Сето ова е во насока да обезбедиме повеќе средства во буџетот за реализација на инфраструктурни проекти, рече Трајковски.

Градоначалникот потенцираше дека со поддршка на Владата и од сопствени приходи, вкупно се вратени над 60 милиони денари стари наследени обврски.

-Ја исплативме и третата рата за доградбата на детската градинка, односно досега исплативме, 3 милиони денари. На самиот почеток од мојот мандат исплативме 4,3 милиони денари на име: 14 заостанати обврски–паушали кон советниците, ги исплативме сите средства кои неправедно им беа одземени на пожарникарите, ги исплативме сите заостанати средствата од социјалната мерка за новороденчиња и редовно ги сервисираме денес, ги исплативме сите заостанати ученичките стипендии, но и го зголемивме бројот и износот на стипендиите. Мора да ви потенцирам уште еден значаен момент, а тоа е експропријацијата на земјиштето. За реализација на проектите досега на име експроријација сме исплатиле околу 4 милиони денари, а планирано е до крајот на годината за оваа намена да се исплатат од буџетот уште 2 милиони денари со цел реализација на планираните инфраструктурни проекти, истакна Трајковски.

Трајковски најави дека во тек е подготвка на проектна документација за изградба на повеќе улици во населбата Старо Делчево, канализирање на сите водотеци во Делчево, подготвуваме проекти за улици во Габрово, Ѕвегор, Тработивиште, Разловци и останатите села од општината, а се планира и доуредување на кејот на реката, како и изградба на нови паркови во централниот дел на Делчево. Изработени се основни проекти за реализација на 24 инфраструктурни проекти за кои ќе се бара поддршка од сите донатори, а дел ќе се финансираат и од сопствениот буџет.

-Со особена годост зборувам и за фактот дека по две децении, Општина Делчево изработува ГУП. Не може и не смее стариот плански опфат на Делчево донесен пред повеќе од 25 години, да го кочи развојот- со стари планови не може да се гради иднината. Новиот ГУП ќе биде проширен и ќе опфати минимум 430 хектари површина со можност за понатамошно проширување и очекувам со новиот ГУП да се решат сите тесни грла во досегашното урбанистичко планирање,  но и да се предвиди идниот развој на градот Делчево. Овој голем проект го работиме со финансиска поддршка на Владата и на Агенцијата за планирање на просторот, истакна Трајковски.

Трајковски е задоволен од темпото на реализацијата на ветеното во изборната програма.

-Со мојот тим заедно ги реализиравме или се во фаза на реализација ветените крупни капитални проекти со заокружена финансиска конструкција. Предизборната програма се реализира со ветеното темпо, но се реализираат и многу проекти кои не беа ветени во програмата, но со нивна реализација, решававме децениски проблеми на граѓаните. Вашата доверба дадена на изборите пред две години, ме обврзува и ме мотивира максимално да се вложувам и да барам решение за наталожените проблеми.

Како градоначалник и со поддршка на мојот тим интензивно работиме за да го исполниме основното ветување- Општината сервис на граѓаните, рече Трајковски.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …