По делумно историските успеси на парламентарните избори во САД, Демократите ветија политички пресврт. „Америка се врати“, порача лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, пред насобраните приврзаници.
Тој изјави дека Американците јасно ставиле до знаење оти им е доста од екстремизмот и корупцијата. Демократите, штом во јануари ќе ја преземат контролата врз Конгресот, ќе почнат да работат на подобрување на животните услови на граѓаните, рече Џефрис.
Шумер: Гласачите им свртеа грб на републиканците
И досегашниот лидер на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, ја слави изборната победа на својата партија.
„Спротивно на сите очекувања, ние, Демократите, го освоивме Сенатот“, рече тој на прес-конференција во Вашингтон. Според него, уште минатата година многумина се потсмевале на идејата дека Демократите повторно би можеле да го освојат мнозинството.
Сега, како што рече, гласачите јасно им кажале „не“ на Републиканците. „Ние слушавме, тие не“, изјави Шумер. Обраќајќи им се на граѓаните, тој вети: „Олеснувањето е на пат.“
Џефрис би можел да испише историја
Според американските медиуми, кои се повикуваат на пребројувањето на гласовите и излезните анкети, Демократите повторно обезбедиле мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом.
Тоа значи дека Шумер најверојатно ќе стане лидер на мнозинството во Сенатот. Џефрис, пак, би можел да биде избран за прв Афроамериканец на функцијата претседател на Претставничкиот дом во историјата на САД.
Поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, веќе му ја честиташе победата. Според неа, Американците со својата одлука го прекинале републиканскиот монопол врз власта во Вашингтон и повторно воспоставиле конгресен надзор над претседателот Доналд Трамп.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место