Денеска почнува увидот во Избирачкиот список

Денеска почнува увидот во Избирачкиот список

Од денеска до 23 август граѓаните ќе може да направат увид во Избирачкиот список, а државјаните на Македонија кои живеат во странство ќе можат да се пријавуваат за изјаснување на референдумот и тоа преку апликација што денеска ќе биде промовирана од Државната изборна комисија (ДИК) и со своерачно барање во Дипломатско – конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.

Доколку решат да дојдат во Македонија и да се изјаснат тука, тогаш иселениците нема потреба да се пријават во ДКП-та или преку апликацијата. Нивните имиња ќе бидат запишани во изводот од Избирачкиот список со последната пријавена адреса во Македонија.

ДИК се очекува денеска, исто така, да ја објави последната состојба во Избирачкиот список. Проверката на податоците во списокот за спроведување на референдумот на 30 септември ќе трае до 23 август 2018 година до 24 часот.

Граѓаните можат да ги проверат своите податоци преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата. Доколку забележат неправилности или недостатоци и доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците граѓаните тоа ќе може да го направат со барања кои треба да ги поднесат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Иселениците, пак, ги поднесуваат по електронска пошта до ДИК.

Во меѓувреме тече рокот за набљудувачи на референдумот. Изјаснувањето ќе може да го мониторираат меѓународни и домашни невладини организации кои во своите статути имаат предвидено активности поврзани со човекови права.

Членовите на ДИК вчера веќе имаа средба со претставници на ОБСЕ/ОДИХР кои се очекува да го набљудуваат референдумот.

(META)

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …