„ДЕНОТ КОГА СЕ ЗАЉУБИВ“ – ПРЕМИЕРНО ВО РЕСЕН

Работата на драмската секција која работи под закрила на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, синоќа беше заокружена со театарската претстава наменета за деца од основните и средните училишта, под наслов „Денот кога се заљубив“.

Претставата е работена според текстот на Биљана Тодоровска, а  режијата и адаптацијата на текстот ги направија Сотир Чаушевски и Даринка Веслиевска.

Директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски истакна дека  традицијата на одигрувањето на театарските претстави во Ресен е дамнешна, па затоа претставата значеше можност да се заокружи работата на драмската секција пред летните одмори.

„Ние, некако по традиција, во овој период ја заокружуваме работата на драмската секција, со цел да им овозможиме на децата ентузијасти и вљубеници во театарската уметност, да покажат на кој начин се вложувале себеси во текот на целата година. Претставата ‘Денот кога се заљубив’, со самиот наслов ја привлече тинејџерската публика, а учесниците во секцијата предводени од Даринка Веслиевска и Сотир Чаушевски, се покажаа во одлично светло. Полната сала и големиот интерес на публиката од Преспа, само ја потврдува нашата заложба да вложуваме во аматерскиот театар во Ресен и да ја поттикнуваме љубовта кон оваа уметност кај намладата генерација“, посочи Василевски, кој воедно е и сценограф на претставата.

Активностите на драмската секција при Домот на културата, се поддржани од Општина Ресен и градоначалникот Живко Гошаревски.

Прочитајте повеќе

Ковачевски – О’Брајан: Северна Македонија е пред клучен момент да ги осигура европските перспективи

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска одржа тет-а-тет средба со помошникот државен секретар на САД …