Денот на раѓањето на Тоше, Крушево го одбележа во знакот на хуманоста

Општина Крушево, Спомен куќата „Тодор Проески“, крушевчани и фановите на Тоше од државата и Балканот, одбележаа уште еден роденден на музичката ѕвезда која во 2007 година во сообраќајна несреќа го загуби својот живот.

„Тоше ни остави многу љубов, ни остави добри дела, ни остави музика која вечно ќе се слуша и пренесува на наредните генерации. Тоше Проески ни остави пример како да живееме, како да се почитуваме, како да правиме добри дела, да практикуваме толеранција и заеднички живот за поубав град, поубава општина, поубава држава“, рече градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски во своето обраќање во спомен куќата „Тодор Проески“.

Овој ден беше одбележан во знакот на хуманоста, она на коешто Тоше го посвети целиот свој живот.

„25-ти јануари го одбележуваме и како Ден на хуманоста. Поводот за тоа е секако Тоше и целата негова позната и непозната хуманост. Затоа, за да го одбележиме овој ден со спомен куќата ‘Тодор Проески’ подготвивме и хуманитарни активности, односно финансиска помош на неколку семејства од општината, а реализирана беше и крводарителска акција. Оваа година на сите граѓани на Крушево и посетители на спомен куќата овозможивме да учествуваат во хуманитарната акција, со тоа што можеа да донираат финансиски средства. Денес тие донирани пари се враќаат кон оние на кои најмногу им треба“, изјави градоначалникот Христоски.

Одбележувањето на овој ден започна со средба со претставници од Управата за развој и унапредување на образованието на заедниците, со фокус на унапредување на образованието на влашката етничка заедница. Втора година по ред Управата обезбедува пакетчиња за учениците од трето одделение од ООУ „Никола Карев“ кои изучуваат влашки јазик и за децата во детската градинка „Гонча Туфа“.

Делегации на општина Крушево и спомен куќата положија цвеќе на гробното место на Тоше, а целодневна програма се одвиваше во НУ Спомен куќа „Тодор Проески“, во која беа вклучени музички и литературни активности.

Градоначалникот Христоски порача дека 25 јануари е и ден на хуманоста во Крушево и апелираше овој ден да се одбележува на територија на целата држава.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …