Депонијата во Мичурин се претвора во парк

Депонијата во Мичурин се претвора во парк

Градоначалниците на Град Скопје и на општините Аеродром и Центар, Петре Шилегов, Златко Марин и Саша Богдановиќ, денеска направија увид во расчистувањето на депонијата во Мичурин и нејзино претворање во парк.

„Се наоѓаме на локација што повеќе од 20 години беше дива депонија и место што претходно никој не го средил. Станува збор за површина од над 6.000 квадратни метри, и преку ЈП ‘Улици и патишта’ во изминатиов период ја исчистивме и исфрливме повеќе од 15.000 кубни метри смет“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека на овој јавен простор треба да никне мал парк и детско игралиште, каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време.

Градоначалникот Марин најави дека покрај овој парк, пролетва во Општина Аеродром ќе се изградат уште четири нови парка, и тоа два во Стар Аеродром со вкупна површина од 7 500 квадратни метри, еден покрај булеварот „Трета македонска бригада“ со површина од 2 500 квадратни метри и уште еден во Мичурин со површина од 3.500.

„Со изградбата на новите паркови Општина Аеродром ќе им подари на граѓаните нови зелени катчиња за рекреација и ќе ги облагороди запуштените простори“, изјави градоначалникот Марин.

И градоначалникот Богдановиќ ја поздрави иницијативата да се преуреди ова запуштено место во Мичурин, кое беше огромна дива депонија повеќе од 20 години и која сега „конечно ќе се претвори во убаво катче на место што со години претставувало лоша слика за нашите општини и за градот Скопје“.

Прочитајте повеќе

Комарец треска

Тројца починати од западнонилска треска, шест пациенти се во критична состојба

Трет пациент почина од западнонилска треска во земјава, додека шестмина од хоспитализираните се во критична …