Деркоски - Ако нема цензус, веднаш нови избори

Деркоски – Ако нема цензус, веднаш нови избори

Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Деркоски, овие претседателски избори треба да поминат без и најмала грешка што е еден од условите за добивање датум за преговори со ЕУ. Дали ДИК е спремна да ја изврши својата задача во оваа насока?

Државната изборна комисија во изминатиот период ги презеде сите организациски мерки потребни за организација и спроведување на овие претседателските избори во нашата држава и без разлика дали тие се или не се услов за добивање на датум за преговори со ЕУ, ние и онака како државен орган ги спроведуваме сите потребни мерки за да се организираат кристално чисти избори. Меѓутоа, тука морам да нагласам дека изборниот процес се содржи од повеќе чинители, значи не е само Државната изборна комисија. Да, ДИК е орган кој се грижи за организацијата, спроведувањето на изборниот процес, како еден од тие чинители, меѓутоа во случајот со претседателските избори имате ситуација во која на пример кандидатите, организаторите на кампањите кои исто така ќе треба да внимаваат на изборниот процес да биде фер, коректен, чист за да помине сè во најдобар ред на крајот.

Дали според Вас е реална бројката од 1,8 милиони избирачи за држава која има два милиони жители?

Изборниот законик вели дека граѓанин има право на глас доколку наполнил 18 години и има државјанство на нашата држава. Тоа значи дека сите оние кои имаат државјанство, а се полнолетни, без разлика дали живеат во нашата држава или се надвор некаде, имаат право на глас. Тука се јавува таа разлика и не треба да ги спојуваме бројот на жители со бројот на запишани избирачи. Ако се потрудите да добиете бројка од Министерството за внатрешни работи, ќе видите дека некаде околу 2,5 милиони е бројот на државјанства издадени од Министерството и ако од таа бројка ја извадите бројката на малолетни лица, тогаш бројката што ја имаме на избирачкиот список во ситуацијава 1.808.131 гласач е сосема реална бројка. Има повеќе примери во светот кадешто бројката на запишани избирачи е поголема од бројката на жителите. Еден таков сличен пример е Република Грција, каде што имате запишани скоро 11 милиони гласачи, а државата има скоро толку и број на жители.

Ако нема излезност од 40 проценти во вториот круг, што ќе следи понатаму? Какви се процедурите?

Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори. На тие избори може да учествуваат и кандидатите кои сега учествувале доколку бидат поддржани од своите поддржувачи како што е сега случајот од група на избирачи или од најмалку 30 пратеници или можат да бидат други кандидати. Значи нема ограничувачки фактор во таа смисла, меѓутоа треба веднаш да се распишат и одржат изборите.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …