Десет години по катастрофалните поплави во скопскиот регион, во кои животот го загубија 22 лица, Стајковци останува болно потсетување на последиците од екстремните временски настани, слабата превенција и институционалните пропусти. И денес се поставува истото прашање: што научи Северна Македонија од трагедијата во 2016 година и дали надлежните институции се поподготвени да спречат вакви настани во иднина?
Радари имат, но недостига стручен кадар
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), секојдневно ги следи првите информации за нестабилните облачни маси. Радарските системи, сателитскиот мониторинг и автоматските хидролошки станици обезбедуваат податоци за интензитетот и количината на врнежи што се очекуваат. Кога се приближува силно невреме, системот треба навреме да испрати предупредување до институциите и до граѓаните.
За ваквиот систем да функционира ефикасно, потребни се постојани вложувања во опрема, технологија и обука на кадарот. Хидрологот Атанас Угрински за ДВ вели дека во изминатата деценија има напредок во радарите, сензорите, автоматските станици и преносот на податоци во реално време. Сепак, според него, најголем проблем останува недостигот на стручен и квалификуван кадар.
„Има подобри автоматски хидролошки и метеоролошки станици, подобар пренос на податоците во реално време и посовремени системи за рана најава и предупредување. Достапни се и глобални, европски и светски платформи, како и поусовршени прогностички метеоролошки и хидролошки модели. Но, стручниот кадар останува најголем проблем. Квалитетен и квалификуван кадар е клучен при издавањето аларми и предупредувања“, вели Угрински.

Природата, урбанизмот и човечкиот фактор
Поплавите покажуваат дека човекот не секогаш е подготвен да се справи со природни непогоди, без оглед на техничките и технолошките достигнувања. Невремето проследено со поројни врнежи често е тешко да се прогнозира, особено кога треба да се процени какви последици ќе остави на терен.
Системот за рано предупредување е само еден дел од заштитата. Потребен е функционален синџир во кој секоја институција ја извршува својата задача. На тоа потсетуваат поплавите во Стајковци во 2016 година, но и поплавите во Тетовско, Пелагонија и Струмичкиот регион. Човечките жртви, меѓу кои имаше и деца, го вклучија алармот за бројните пропусти во системот и ја наметнаа потребата од итни мерки на централно и локално ниво.
Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија, по поплавата во Стајковци посочи дека наглиот продор на влажна воздушна маса, во судир со Скопска Црна Гора, предизвикал огромна количина врнежи за кратко време. Но, тој укажа и на човечкиот фактор: оголени падини, запуштени дренажни канали, отпад, шут, објекти и сообраќајници без соодветни пропусти.
Десет години подоцна, Милевски оценува дека не гледа значителен напредок, не само во Стајковци и околината, туку и во цела Северна Македонија. „Екстремните настани во урбаните средини ќе ни се повторуваат, а ние постојано ќе се жалиме. Речиси и да нема градови и поголеми селски населби што не се под ризик за да се случи нешто вакво за пет или десет години, бидејќи во најголем дел од територијата на Македонија има поројни води и има голема оголеност“, вели Милевски во разговор за БИРН.

Бројот 112 и координацијата при кризи
Во последните две децении поплавите, заедно со шумските пожари доминираат меѓу природните опасности коишто и се закануваат на Северна Македонија.
Од март 2022 година во функција е европскиот број за итни повици 112, преку кој граѓаните можат да пријават поплава, пожар или друга опасност. Во функција се и системи и апликации за навремено споделување информации при катастрофи. Сепак, на терен примарната одговорност во голема мера е кај локалната самоуправа. Општините треба редовно да ги чистат реките, речните корита и каналите, да ја одржуваат атмосферската и фекалната канализација и да ги отстрануваат ризичните точки.
Каналите и општините како слаба алка
Запуштените канали остануваат еден од најголемите проблеми.Во нив често завршуваат градежен шут, отпад, облека, бела техника и друг материјал што го попречува нормалното одведување на водата. При поројни врнежи или топење на снегот, ваквите канали стануваат ризични точки што можат да предизвикаат излевање на водата и поплави.
Надлежните институции и локалната самоуправа имаат обврска навремено да реагираат. Редовното чистење на каналите, санкционирањето на несовесното фрлање отпад и контролата на теренот се основни превентивни мерки што можат да спречат поголема штета. Експертите предупредуваат дека стихијните мерки не се доволни. Потребно е долгорочно планирање, подобро урбанистичко управување, редовно одржување на инфраструктурата и јасна одговорност на институциите.
Искуството покажува дека штетите од поплавите се многу повисоки од трошоците за превентивни мерки. Регулирањето на речните корита, изградбата на насипи, пошумувањето, чистењето на каналите и подоброто урбанистичко планирање чинат помалку од санацијата по катастрофа.
Десет години по Стајковци, Северна Македонија има посовремени радари, подобри податоци и системи за предупредување. Но, без стручен кадар, чисти канали, одговорни општини и постојана превенција, ризикот од нови катастрофални поплави останува реален.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место