На плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, денеска започна десеттото издание на манифестацијата „Денови на медот“. Прогласувајќи ја манифестацијата за отворена, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека Општина Прилеп и логистички, и финансиски го помага функционирањето на здружението на пчелари од нашиот град.

„Сакам да ве поздравам, да го поздравам одржувањето на овој 10-ти јубилеен фестивал на медот, кој и годинава како и минатите години ќе биде на располагање и на задоволство граѓаните. Сето она што го произведувате како пчелари ќе им се понуди на граѓаните, а сите добро знаеме дека производите на мед живот значат, бидејќи тој не е само храна туку се користи и како лек. Локалната самоуправа како и многу други здруженија, финансиски го подржува овој настан. Токму на ова здружение му овозможивме нови простории во старата општина, за што подобро функционирање на здружението“, изјави градоначалникот Јованоски.

„Изложени се 13 излагачи од нашиот град, а во наредните денови очекуваме да има и излагачи и на пчеларска опрема. Манифестацијата ја организираме со цел да се промовираат пчелните производи и медот до нашите потрошувачи. Пчеларското здружение ‘Братство’ постои од 1958 година, брои околу 100 членови и е едно од поактивните во државата“, посочи Љупчо Ѓорѓиоски, претседател на пчеларското здружение „Братство“.

Манифестацијата „Денови на медот“ ќе трае во следните 4 денови.