Малолетник на 13 години се бори за живот, откако беше прободен со нож од негов врсник во тепачка во Чаир. Полицијата приведе 19-годишник и 13-годишник од Скопје, кои учествувале во тепачка со уште три лица.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, синоќа околу 22 часот на територија на Чаир, настанала физичка пресметка помеѓу двете приведени лица од една страна и И.З.(19), 13-годишник и 16-годишник, сите од Скопје, од друга страна. Во инцидентот малолетникот кој е приведен, со нож им нанел убодни рани на трите лица од спротивната страна. И.З. и 13-годишникот се здобиле со тешки телесни повреди, а 16-годишникот со телесна повреда.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека повредениот малолетник се бори за живот.
„Едно од повредените лица е во многу тешка здравствена состојба, се бори за живот. Станува збор за малолетник, а според информациите добиени од службите во Министерството, и оној којшто го врши кривичното дело исто така е малолетник на иста возраст со повредениот, родени 2012 година“, рече Тошковски.
Полицијата информира дека по увидот на местото на настанот за понатамошна постапка се одземени три ножа, пендрек и други предмети.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место