Девет училишта во битолско во темница, само едно платило струја

Девет училишта во битолско во темница, само едно платило струја

Од Анета Блажевска

Две недели пред почетокот на новата учебната година, осум основни и едно средно училиште во Битола и Битолско се без електрична енергија. Деновиве само гимназијата „Таки Даскало“ успеа да ја плати сметката за повторно да ѝ биде вклучена струјата.

Без струја остануваат средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ , ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Елпида Караманди“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Даме Груев“, ОУ „Коле Канински“ , ОУ „Трифун Пановски“ и подрачните „Крсте Петков Мисирков“ во  Бистрица и „Александар Турунџев“ во  Кукуречани.

– Во моментов во Општина Битола девет училишта се без електрична енергија. СОУ гимназијата „Таки Даскало“ го плати долгот кон ЕВН, затоа што во одреден период не беше блокирана жиро-сметката на училиштето и тој момент беше искористен за исплата кон ЕВН. Другите училишта имаат блокирани жиро-сметки од страна на извршители за долгови од минатите години и затоа не можат да ги платат сметките за струја.

Општина Битола прави напори да ги надмине овие проблеми, но имајќи предвид дека долговите на училиштата се околу 4,5 милиони евра кон надворешни доверители и Општината, состојбата е искучително сложена. Сепак, Општината се надева дека во скоро време ќе се најде соодветно решение за надминување на овој проблем.

На 25 јули, најголем дел од училиштата во Битола беа исклучени од електричната мрежа поради неплатена, а потрошена струја. Токму овие училишта долг период работат со блокирани сметки. Новата локална самоуправа ваквата состојба ја наследи од поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше случај во средното економско училиште „Јане Сандански“ седум години да не се плаќа струја.

На денот на исклучувањето, од ЕВН потврдија дека „неколкумесечните разговори со училиштата за изнаоѓање начин за расчистување на долгот не вродија со плод, па согласно законските прописи, како за сите корисници, така и за нив беше преземена последната мерка, односно исклучување. Остануваме отворени за наоѓање начин за расчистување на долгот, изјави тогаш Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Од Општина Битола еден ден пред исклучувањето пратија соопштение до јавноста дека и покрај напорите за надминување на проблемите, училиштата во Општината се во незавидна финансиска состојба и дека плаќањето со цесии не е законско.

– Напоредно, со висината на долгот на училиштата од 4,5 милиони евра, една од причините е што нема законска можност да се платат дел од долговите на блокираните училишта кон надворешните добавувачи, бидејќи цесиите (договор за отстапување на одредено побарување од еден на друг доверител, при што на должникот му останува обврската да ја исплати кон новиот доверител – н.з.) законски не се дозволени, соопшти Општината, која за ваквата наследена состојба ги информира сите владини надлежни институции и побара да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки.

Емилија Костурска од СДСМ на последната седница на Советот обвини дека не само што не се плаќало струја, туку не се плаќале и другите давачки.

– Вода во „Таки Даскало“ не е платена од 2008 година. Истото училиште, при промена на власта во 2006 година, беше оставено со салдо од плус стотина илјади евра. Во 2017 година го донесовте до минус деветстотини илјади евра! Ни оставивте тажна слика на училиште во кое учат околу 950 ученици со еден тоалет заеднички и за машките и за женските. Училиници без врати! Системот за греење пред тотален распад – обвини Костурска.

Лоша е сликата во многу битолски училишта. Ова лето Општината одвои средства за средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, каде што се работи на реновирање на водоводната и одводната инсталација во осум училници. Вода лее по ѕидовите, училниците се во влага и мувла од последиците од дотраената и зарѓана инсталација.

– Училиштето е пуштено во употреба во 1986 година и досега нема никакви капитални интервенции или инвестиции во него. Времето си го направи своето, така што имаме огромни оштетувања, претежно во одводната и во водоводната инсталација. Дограмата е во очајна состојба, можеби сме единственото средно училиште кое нема замена со ПВЦ дограма и имаме големи загуби на топлинска и електрична енергија, кои се и загуби на општината, како трошоци на училиштето. Се надевам дека ќе најдеме на уште поголемо разбирање во иднина и оваа помош од општината ќе се интензивира и ќе се зголеми. Во моментот, оваа инвестиција од Општината е 171.000 денари за поправките што се во тек – рече Владимир Роме, директор на Техничкото училиште во Битола.

Објавено во Слободен печат

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …