Дезинфекција на улиците во градот и населените места – започна примената на мерките кои ги донесе Општинскиот кризен штаб

Денеска на територијата на општина Прилеп почна примената на дел од мерките кои синоќа ги донесе Општинскиот кризен штаб, за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните на градот и населените места.

Покрај улиците на градот, екипи на ЈКП „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица, утринава вршеа дезинфекција и на улиците во населените места Тополчани, Ерековци и Канатларци.

Патроли на ОВР Прилеп вршат засилени контроли на парковите во градот и околните излетнички места. Како што информираат оттаму, со ретки исклучоци, не се забележани случаи на собирање на повеќе од 5 лица на едно место. Сепак, од ОВР Прилеп апелираат до граѓаните доколку имаат информации за организирање на забави во викендиците во непосредна близина на Прилеп, или пак забележат непочитување на мерките на Владата и на Општинскиот кризен штаб, таквите случаи да ги пријават во МВР на телефонскиот број 192.

Истовремено, од ОВР Прилеп информираат дека во моментов на територијата на општина Прилеп во самоизолација се наоѓаат 160 лица. На сите ним им се врши редовен надзор и она што треба да се истакне, е дека сите се придржуваат на прописите за задолжителна самоизолација.

Да потсетиме дека од денеска, стапува на сила Одлуката на Владата за воведување полициски час, односно дека се забранува движење на населението во периодот од 21 до 06 часот, секој ден.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …