Дезинформациите и медиумските манипулации може да ги поткопаат плуралистичките општества

Дезинформациите и медиумските манипулации може да ги поткопаат плуралистичките општества

Имаме видено дека дезинформациите и манипулациите во медиумите може да имаат тешко влијание врз животот на луѓето. Инфопандемијата со ковид-19 нè води кон теории на заговор кои креираат недоверба во институциите. Овие дезинформации и манипулации може да ги поткопаат и најважните аспекти во нашите општества кои се базирани на плурализмот. Што може да се стори против ова без да се ограничи правото на изразување и како нашите општества да бидат пожилави на ваквиот отпор, запраша амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир на отворањето на денешната конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“.

Евроамбасадорот Гир во своето излагање рече дека во скорешните години станавме посвесни за феноменот на дезинформации и негативното влијание што тој го има врз демократските вредности и човековите права, поспецифично врз слободата на говор и пристапот до информации.

Тој рече дека со денешната конференција се затвора проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој беше финансиски поддржан од ЕУ. Амбасадорот Гир спомена дека постојат големи предизвици и единствено ако цело време промовираме медиумска писменост и критичко мислење кај јавноста ќе можеме да ги надминеме овие предизвици.

„Ова е задача на сите нас. Предизвиците со кои Северна Македонија се соочува се истите со кои се соочуваат ЕУ и земјите од регионот“, порача евроамбасадорот Гир.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска во своето обраќање рече дека медиумската писменост и критичкото мислење се многу значајни за секоја држава. Таа го пренесе ставот на Министерството за образование и наука дека ако создадеме генерации коишто се многу посилни во алатките за справување со лажни вести, ќе следи и поголема превенција од лажните вести.

Царовска спомена дека медиумската писменост и критичкото образование се влезени како основен столб во новата Концепција за основното образование, која треба да започне да се реализира со новата учебна година во септември.

Министерката додека дека нашите ученици во наредниот период треба да научат каде и како се проверуваат невистинитите информации, а освен подготовката на нови програми и концепции, се врши и подготовка на наставниците. Во соработка со Светска банка, ќе работиме со педагошките факултети во земјава да се вложи повеќе во пренос на критичкото мислење кон идните наставници.

Воедно, министерката Царовска, рече дека се работи на зголемување на капацитетот и на самите наставници во моментов, кои поминуваат во директно пренесување на овие програмски задачи во наставата.

„Образованието е клучно за да имаме помалку проблеми од оние што ги имаме денес, ако се работи со образованието“, рече министерката Царовска.

Maрјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации во Владата на Северна Македонија во обраќањето на конференцијата рече дека во 2019 година Владата воспоставила драфт платформа за справување со дезинформации. Таа постојано е драфт, бидејќи не постои единствен и унифициран начин за справувањето со дезинформации, објасни Забрчанец.

Оваа платформа е постојано отворена и треба да овозможи секој општествен чинител да си го пронајде своето место.

„Покрај владината заложба за воведување на медиумската писменост во образованието, Забрчанец го спомена и владиниот Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво, со којшто на идните влади ќе им биде тешко да ги изостават активните мерки за транспарентност. Со Акцискиот план се обврзавме дека редовно и брзо ќе одговараме на новинарите и факт-чекерите“, изјави тој.

Една од клучните алатки за справување со дезинформациите, е изложувањето на информации и факти од институциите, спомена Забрчанец, додавајќи дека е изработен и Протокол за кризни комуникации, и тоа пред самиот почеток на ковид-19 пандемијата.

Тој посочи дека свесно или не, премногу зборуваме колку да бидеме против дезинформациите.

„Уверен сум дека на тој начин некако како да им дадовме повеќе моќ отколку што ја поседуваат ваквите центри за дезинформации“, рече Забрчанец.

Ова не значи дека ги потценувам дезинформациите, вели Забрчанец, потенцирајќи дека е потребно наметнување на проактивна агенда како што е медиумската писменост и професионалното новинарство, наспроти реактивната агенда.

На тој начин, покрај борбата против лажни вести и справување со дезинформации, ќе обезбедиме повисоко ниво на сигурност во себе и граѓаните, за да не се наметне страв и несигурност кај граѓаните.

„Целта на дезинформаторите е токму таа, да се наметне страв и несигурност кај нив“, рече Забрчанец.

Тој спомена и дека медиумските организации треба уште повеќе да поведат иницијативи, но и академијата треба да си ги ревидира курикулумите по новинарство, коешто и денес е базирано на теорија од 20-тиот век.

Арет Демирчи, програмски менаџер за Источна и Југоисточна Европа, Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“ на денешната конференција спомена дека оваа фондација со партнери во преку 60 држави во светот ја промовира медиумската писменост како основа за демократските граѓани.

Со растот на интернетот, додаде Демирчи, доаѓаме до помала контрола на податоците, додека другите авторитарни режими го користат за цензурирање и контролирање на луѓето, а демократиите мора да ги задржат слободите кои доаѓаат со повеќе пристап до информации, но и да ги заштитат граѓаните од дезинформации и медиумски манипулации.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“, во своето обраќање рече дека првичните активности на Фондацијата „Метаморфозис“ во борбата против дезинформациите биле фокусирани на доброто владеење, транспарентноста и граѓанското учество. Видовме тогаш дека многу е тешко граѓаните да учествуваат ако тие немаат точни информации или немаат пристап до информации, изјави извршниот директор Јашари.

Тој додаде дека пред 10 години, во 2011 година започнал со работа „Вистиномер“ како алатка за политички факт-чекинг, анализирајќи ги ветувањата на политичарите колку се тие доследни и дали ги исполнуваат. Со текот на времето, методологијата на „Вистиномер“ беше надградена за да послужи за сите идни проекти.

„Проверката на факти е многу важна и за нас е суштински дел од борбата против дезинформациите“, рече извршниот директор на „Метаморфозис“ Бардил Јашари.

Со текот на времето, додаде Јашари, се увиде дека факт-чекингот не е единствена алатка за справување со дезинформациите и дојдовме до заклучоци дека потребна е медиумска писменост, но дека во неа треба да се вклучат и дигиталните технологии, особено Интернетот.

Два клучни заклучоци спомена тој: сите корисници имаат потреба од вештини и знаења за безбедно да го користат Интернетот и потребни се вештини за критичко размислување, како процес на неутрално и непристрасно размислување ослободено од сите догми, за да може да се провери било чија информација.

„Важно е образовниот систем да произведува граѓани кои ги имаат тие вештини за безбедно да сурфаат на Интернет и да не бидат жртви на дезинформации. Затоа го започнавме проектот КриТинк“, спомена Бардил Јашари.

Благодарение на КриТинк како проект, се зголемија капацитетите на постојните факт-чекери и новинари, но и локалните грантисти, во партнерство со медиумите, продуцираа едукативни написи за откривање на дезинформации што беа проширени во нивните заедници.

Благодарение на Критинк, посочи директорот Јашари, „Метаморфозис“ ја прошири методологијата и на другите дезинформации, меѓу кои и објавите на Фејсбук, и притоа не се опфатени само медиумите и политичарите.

Извршниот директор на „Метаморфозис“ потенцираше дека е неопходна суштинска и целисходна соработка меѓу медиумите, владата, невладините организации и образованието.

„Соработката со социјалните мрежи е многу важна. Исклучително е важна соработката на „Метаморфозис“ со „Фејсбук“, која покажа колку може ефективно и ефикасно да се бориме против лажните информации“, додаде Јашари.

На денешната конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“ се одржуваат посебни сесии за медиумската писменост во формалното и неформалното образование, за критичкото размислување наспроти медиумските манипулации и за теории на заговор против ковид-19 и одбраната на демократијата од дезинформации.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ е финансиски поддржан од Европската Унија, а денешниот настан е поддржан и од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …