Никој не може да ја спречи законодавната власт да стави во функција некој закон, затоа што во таква ситуација ќе има проблем со демократијата и со поделба на властите, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовниот брифинг со новинарите.
– Претседателот Ѓорге Иванов нема рок за потпишување на Законот за употреба на јазиците, туку должност да го потпише. Тој одбива тоа да го направи и со тоа го прекршува Уставот. Одлуката да не го потпише е личен избор, но и лична одговорност. Решенија за овој проблем има, но се уште трае анализата како треба да се постапи – изјави Џафери.
Тој рече дека усно побарал средба со претседателот Иванов, но не добил одговор.
– Нема да се впуштам да ставам потпис на нечие друго име, а дали законот може да помине со еден потпис ќе видиме што ќе каже демократијата. Не се оптоварувам временски и не сакам да правам дополнителна тензија – додаде Џафери.
Собранискиот спикер вели дека, иницијативата за постапката за импичмент на претседателот, треба да ја покренат 30 пратеници и за неа да се гласа со дво третинско мнозинство, а потоа одлуката да се даде на Уставен суд, кој по неа ќе одлучува.
Џафери потенцираше дека Иванов има одговорност и според Кривичниот законик каде што постои дело за употреба на службената должност.
Тој додаде дека со одлуката на Врховен суд да го укине притворот на пратениците, е елиминиран аргументот на опозицијата да не учествува во работата на Собранието, и изрази надеж дека, следните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати и Собранието ќе биде во потполн состав.
– Има потенцијал да се усогласат сите закони за кој е потребно дво третинско мнозинство, откако ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на пленарните седници – објасни Џафери.
Извор: МЕТА