Димитров и Османи на средба со португалскиот министер за надворешни работи, Силва

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, првиот ден од работната посета на Брисел ја заокружија со средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ.

На средбата беше разговарано за програмата и приоритетите на Португалското претседателство, со акцент на очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. На состанокот беше отворено и европското досие на Северна Македонија, за што двете страни разменија мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ.

Димитров и Османи беа едногласни за време на разговорот дека евроинтегративниот процес мора да добие засилено внимание особено во случајот на Северна Македонија која од март минатата година има консезуална одлука од сите земји членки за отпочнување на преговорите. Тие ја потврдија посветеноста на земјата кон реформскиот процес, нагласувајќи дека јасната перспектива на земјата како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома.

МНР Силва даде осврт на приоритетите на Претседателството кои се насочени кон социјална, дигитална и зелена Европа; со зајакната доверба на нејзините граѓани во европскиот социјален модел; промовирање на Унија заснована на заеднички вредности, солидарност, трансформација и кохезија – Унија способна на координирана акција за закрепнување од кризата предизвикана од КОВИД-19. Покрај овие приоритети, Силва потврди дека за Португалското претседателство процесот на проширување е важно прашање и дека во рамките на нивните надлежности ќе направат сѐ што е во нивна моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Средбата беше одржана на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кои присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки.

Во рамките на вториот ден од посетата, предвидени се заеднички средби на Димитров и Османи со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …