Димитров – Коѕиас: Чесно решение е она кое ќе ги земе предвид позициите на двете страни

Димитров – Коѕиас: Чесно решение е она кое ќе ги земе предвид позициите на двете страни

По билатералната средба на двете делегации – македонската и грчката – шефовите на дипломатиите изразија добра волја за постигнување на решение, но и поприлична резервираност во однос на брзо решение на проблемот со името. Сепак, двајцата министри за надворешни работи упатија заедничка порака – дека мора да се работи на надминување на проблемите и на градење заедничка иднина. И од двете страни беше упатена и пораката дека решението е само во вистински компромис, во кој и едната и другата страна ќе го добијат најважното од своите барања.

-Имавме добри разговори за разликите околу името. Кога зборуваме за иднината, тешко е да се најде разлика. Но, за да се стигне таму ни треба да ја надминеме разликата околу името. Задачата не е лесна. Тоа е многу деликатен баланс. Јас пола ден мислам што е важно за јавноста во Грција, а втората половина што е важно за јавноста во Македонија. Бараме начин кој нема да го понижи никого, а ќе ја отвори вратата за решение – рече македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас рече дека е во Скопје за да ја отвори втората фаза за согласноста и за поддршка за влезот на Македонија во ЕУ.

– Верувам длабоко дека можеме и ако направиме чекори може да ги решиме разликите, а должни сме да ги решиме, дека тоа ќе даде можност за напредок на двете држави и развој на целиот регион – рече Коѕиас, кој забележа и дека најлесно во политиката е да не правиш ништо.

Тој верува во чесен договор од кој двете страни ќе имаат придобивки и нема да има некој да добие и некој што ќе загуби, туку дека ќе се постигне компромис.

На прашањето колку се „поклопуваат“ трите документи кои се на масата (грчкиот, македонскиот и оној на Нимиц), Коѕиас рече дека „текстовите се за да се разјаснат позициите, а на крајот ќе се направи еден заеднички текст кој Нимиц ќе го достави до ООН“.

Според Димитров одржливо решение е тоа што ќе биде прифатено од двете страни и од јавноста и од граѓаните.

– Искрено мислам дека ова е натпревар меѓу иднината и минатото. На Балканот имаме многу минато – рече тој, потенцирајќи дека „историјата е многу важна, но не можеме да ја смениме“.

Шефот на македонската дипломатија има големи резерви за предлогот „Горна Македонија“, како еден збор и напишано на кирилица.

– Можам да најдам многу аргументи да објаснам зошто тоа не е добар правец. Тешко ми е на својот народ да му кажам за сложено име со некаква одредница и ако има еден збор. Ако се изговори брзо, терминот Македонија може да се подизгуби  – рече Димитров.

Коѕиас на прашањето „што е чесно решение“, рече дека „тоа е решение што ги зема предвид главните точки на секоја страна“.

Следуваат средби на Коѕиас со премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, но и со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …