Димковски: Преземаме мерки со коишто ќе ги ублажиме последиците од пандемијата врз земјоделството и руралниот развој

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски одржа прес-конференција на којашто соопшти дека Владата на Република Северна Македонија ќе ги овозможи сите потребни услови за одржливо земјоделско производство, пласман и ќе одговори на барањата на земјоделците.

Министерот Димковски посочи дека производството на храна мора да продолжи да се одвива непречено и во наредниот период, а земјоделците мора да ги продолжат своите работни активности, a Владата презема мерки со коишто ќе се ублажат последиците од пандемијата врз земјоделството и руралниот развој.

„Изминатиот период како ресорно министерство, преземавме мерки кои што  ќе им помогнат на земјоделците и на стопанствениците од агросекторот, во оваа вонредна состојба да имаат рентабилно земјоделско производство и пласман за производите.  Рокот за плаќање на годишната закупнина за државно земјоделско земјиште за 2019  се продолжува до 12-ти ноември 2020 година. До истиот рок, нема да се врши еднострано раскинување на договорите за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост заради неплатена годишна закупнина.

Склучувањето на договори, кој го склучуваат производителите на тутун со регистрираните откупувачи на тутун, го продолживме до 30-ти април. Ги ставивме во мирување роковите за сите јавни повици за поднесување проекти и реализација на инвестиции од Националните програми и од ИПАРД 2 програмата. Со цел да се намали загубата на одгледувачите на овци, вкупната поддршка за женско јагне ја зголемивме на 2.500 денари по грло”, изјави Димковски.

Притоа Димковски посочи дека засега нема никаков притисок врз сигурноста на храната, но земјоделците се соочуваат со потешкотии во пласманот на земјоделски производи.

„Токму поради тоа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја воведе и ја стави во функција платформата „Понуда и Побарувачка“ којашто сите земјоделци може да ја користат. На оваа платформа, земјоделците може да ги понудат своите производи. Ги повикувам земјоделците, да ја користат и платформата „Понуда и побарувачка“, што ја воведе Министерството за земјоделство, а преку којашто можат да ги понудат своите производи. За да го заштитиме домашното производство ги повикувам граѓаните да купуваат домашни производи, со што ќе се поддржи локалното производство. Зелените коридори за побрз транспорт на стока веќе функционираат и тоа во значителна мера ќе ја олесни трговијата со земјоделски производи. “, изјави Димковски.

Покрај оваа поддршка министерот Димковски истакна дека, земјоделците кои се самостојни вршители на дејност, а се регистрирани според Законот за трговски друштва, ќе имаат можност да користат и дел од економскиот пакет на мерки, како финансиската поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …