Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, ја посетија пречистителната станица за вода која се наоѓа во населеното место Баби. Проектираниот капацитет на филтер станицата во Штип за преработка на сирова вода од хидросистемот Злетовица е 500 литри во секунда. До сега не беше возможно овој капацитет целосно да се исполни, поради променливата количина на вода со која Штип се снабдуваше од околу 70 бунари. Количината на вода не е стабилна и постојано варира, а особено е проблематичен летниот период, кога Штип се соочување со недостиг од чиста вода за пиење.
„Отворен е јавниот оглас за избор на изведувач за пречистителната станица за вода за пиење во Штип, којашто ќе биде поврзана со хидросистемот Злетовица, каде што имаме изградено систем од порано но не е во функција. На 5 февруари се затвора повикот, ќе се разгледаат понудите и многу брзо ќе се започне со градежните активности бидејќи парите се веќе обезбедени од МЗШВ. Во Карбинци е избран изведувачот, каде што ќе се почне со работа и вредноста е околу 85 милиони денари, а за пречистителната станица во Штип вредноста е околу 295 милиони денари за доградба на станицата со најсовремена технологија“, изјави министерот Димковски. При тоа, Димковски посочи дека до крајот на 2020 година, Општина Штип целосно да се приклучи кон Хидросистем Злетовица.
Во штипскиот регион, исто така, во завршна фаза е и изборот на најповолен понудувач за изградба и надзор над изведба на прочистителна станица во Карбинци. Во текот на 2020 година, ќе се објави тендер за изградба на прочистителна станица за Лозово.