Димовски – Може да поддржам продолжување на работата на СЈО

Димовски – Може да поддржам продолжување на работата на СЈО

Ако се направи систем којшто ќе значи гаранција на човековите права и на владеење на правото, јас би размислил да дадам поддршка на понатамошно постоење на СЈО, вели пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Димовски, не гласавте за уставните измени за Северна Македонија, но како шеф на делегацијата патувате по парламенти од разни земји на ратификација на договоротза членството на Северна Македонија во НАТО. Го сменивте мислењето за Договорот од Преспа?

Не, не сум го сменил мислењето за Договорот од Преспа. Јас мојот став неколкупати сум го соопштил од аспект на штетноста на содржината на договорот. Никогаш не сум ја спорел целта на договорот и тука сакам да направам јасна разлика. Целта на договорот, како што ја разбираме, е членство на Македонија во НАТО пактот и ЕУ, што е став на ВМРО-ДПМНЕ, како прва политичка партија со таков став, уште од самото формирање на парламентарната демократија во Република Македонија. Но, тоа не значи дека содржината на договорот е прифатлива и оправдлива од аспект на македонските национални интереси. Мене ми смета еуфоричноста која власта ја покажува со Договорот од Преспа, од аспект на тоа дека ова е најпатриотски чин, од аспект на тоа дека ова е најдоброто нешто што можело да се направи. Не. Треба да бидеме искрени со граѓаните, ова е болно и тешко постапување на државата и не треба да го криеме тоа, треба да го кажуваме, но секако треба да разбереме дека Република Македонија може да обезбеди многу подобра перспектива и многу подобра иднина како членка на НАТО и на ЕУ.

Господине Димовски, ќе одите во кампања за Гордана Силјановска – Давкова?

Гордана Силјановска е избрана за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ и јас мислам дека е добар кандидат. Таа е и добар професор, извонреден професор, еден од најдобрите професори на Правниот факултет. Од друга страна, кандидатот на СДСМ, според моето чувство, не е најдобриот од она што го имаа како потенцијал за кандидат. Од трет аспект, секогаш во Република Македонија ни се случуваше тој што е на власт да успее да наметне ситуација во којашто претседателскиот кандидат е негов и претседателот е во рамки на тоа функционирање. Ние никогаш не го достигнавме политичкиот развој да можеме да имаме актуелна влада во чиј мандат ќе се избере претседател од спротивна опција. Мислам дека госпоѓата Силјановска ќе внесе една нова содржина и мислам дека заслужува поддршка од сита нас кои сме членови на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали се согласуваме со сите политики на партијата.

Сметате дека е добро што конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да се оди со кандидат што не е партиски?

Да бидам искрен, мислам дека тоа непартиски, натпартиски, консензуален, широк итн…

Добро, но Силјановска не ви е член во партија, во таа смисла.

Сакав и генерално да ви го дадам одговорот. Тоа некако стана помодарство во Република Македонија и не се случува првпат. Мислам дека за таа функција во принцип подобро би било да се бираат искусни политичари коишто имаат замашна политичка кариера во својата историја. Со исклучок на претседателот Трамп вие не можете да најдете во Америка претседател којшто не бил во повеќе мандати сенатор, конгресмен, гувернер. Во Англија за премиер или пак канцелар во Германија. Но, тоа го прават сите партии. Да, ќе бев посреќен ако кандидат беше од рамките на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак она што го застапува Силјановска како нејзин политички светоглед во оваа етапа од развојот на државата, е блиску до она што јас го чувствувам.

Има информации дека членството во НАТО може да зависи и од поддршката на Законот за СЈО. Вие сте обвинет во еден од случаите на СЈО. Каков е вашиот личен став, вашето лично мислење, ќе го поддржите ли законот?

Членството во НАТО не зависи од тоа, процесот на ратификација на протоколот за членство во НАТО на Република Македонија оди со забрзано темпо. Мислам дека може да се успее да бидеме можеби рекордер, ако не би биле некаде во рамки на досегашниот рекорд од девет месеци и тоа е добро и треба да се поддржи и со моето учество во тој процес давам пример. Во поглед на Специјалното јавно обвинителство мислам дека е генерален услов за владеење на правото во Република Македонија виз-а-ви процесот на почнување проговори со ЕУ. Јас посебно поради тоа што сум дел од обработката на СЈО, се обидувам да диференцирам став, којшто ќе значи и поддршка, ако е потребно, на понатамошно постоење и функционирање на СЈО. Како и во Парламентот и во судството, како и во образованието, така и во СЈО, мислам дека има и квалитетни и неквалитетни луѓе има и квалитетни и неквалитетни постапки. И ние носиме и добри и лоши закони, дел од предметите на СЈО се базирани на некои сериозни докази, дел се политички.

Тоа значи дека би гласале за евентуален закон за СЈО?

Тоа значи дека кога сето тоа би било спакувано во еден систем којшто ќе значи гаранција на човековите права, којшто ќе значи гаранција на владеење на правото, јас би размислил да дадам поддршка на понатамошно постоење на СЈО, посебно поради тоа што сум дел од тие постапки. Од аспект, јас не се чувствувам виновен. Јас впрочем и не сум бил одговорно лице за материјално-финансиско работење, за тоа што на некој начин СЈО ме тангира. Формално-правно јас не треба да бидам дел од тие предмети, но сакам да го покажам тоа, сакам да го пратам тој сигнал дека да, ако јас сум спремен да се носам и да присуствувам на тие судски процеси и да спорам со законите и со постапките и со доказите, добро, секој политичар треба да го помине тој процес ако има каков било сомнеж.

Господине Димовски, имате ли контакт со вашиот поранешен шеф Никола Груевски?

Јас подолго време, дури многу подолго време пред да замине од Република Македонија немам контакт со Никола Груевски. Тој си има своја и позитивна и негативна улога во минатото на партија и во минатото на државата.

Какво е вашето мислење за неговиот потег, што се одлучи да замине во Унгарија?

Не е добро, не е добро.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …