Бугарскиот и македонскиот архив ќе издадат заедничко издание со документи за животот и делото на Гоце Делчев, изјави за бугарската новинска агенција БГНЕС доц. д-р Михаил Груев, претседател на бугарската Државна агенција „Архиви“. Тој вели дека тоа е договорено при посетата на директорот на Државен архив на Република Северна Македонија, д-р Емил Крстевски, на Софија на 12 и 13 декември.
За „Мета.мк“ Крстевски изјави дека навистина била договорена и таква публикација, во рамките на соработката на двата архиви, но дека станува збор за „заеднички зборник на документи од истакнати историски личности“.
– Да, зборувавме и за такво издание, кое треба да опфати повеќе значајни историски личности – одговори Крстевски.
Според претседателот на бугарскиот државен архив, една од насоките за кои е договорена соработка е „заедничко издание на документарното наследство на Гоце Делчев“. Груев потсетува дека во Бугарија во моментов има две сродни изданија, но и дека во последните години се откриле нови документи за дејноста на големиот револуционер.
– Ние самите откупивме документи од Дупничкиот пограничен пункт на ВМРО од самиот почеток на векот, кои се наоѓаат во ќустендилскиот архив. Има и други примери, коишто воопшто не ја менуваат радикално, туку само ја дополнуваат сликата за Гоце Делчев – вели Груев за БГНЕС.
Тој објаснува дека било договорено со македонскиот колеги да „го извадиме тоа што го има кај нас, а е излезено од перото на Гоце Делчев и тоа што го има кај нив“.
– Идејата ни беше на некој начин да го олесниме дијалогот меѓу двете страни, вклучително и за проблемите со историјата. Се надевам дека со едно такво издание да ги поттурнеме нанапред договорените работи во Договорот за пријателство и добрососедство, но коишто поради некои причини постојано се одложуваат – вели претседателот на бугарскиот државен архив.
На веб-страницата на Државен архив на Република Северна Македонија инаку е објавена вест за посетата на делегацијата на Софија, при што се договорени неколку правци на соработка.
„Во рамките на Договорот за соработка помеѓу двата државни архива, кој е потпишан на 5 октомври 2017 година, во текот на 2020 година, во Пловдив и во Софија ќе биде организирана обука за конзервација и реставрација. Воедно ќе почне реализацијата на два проекта од издавачката дејност, од кои едниот ќе биде зборник на документи со работен наслов „Првите фотографии на Балканот“. Во него, меѓу другото, ќе биде опфатен архивски материјал од браќата Манаки од Одделението на Државниот архив во Битола. Другиот проект ќе биде заеднички зборник на документи од истакнати историски личности“, пишува на веб-страницата на македонскиот архив.