По низа протести и барања од граѓанските иницијативи за чист воздух,Град Скопје ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од градот. Сега Владата е на потег. Таа треба да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина.
Компанијата „Титан-Усје“ останува цврсто на ставот дека работи одговорно и согласно најдобрите еколошки стандарди на Европската Унија.
Протести и барања за дислокација
Во четвртокот (25.12) на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ се одржа протест организиран од иницијативата „Стоп за Усје“. Граѓаните побараа дислокација на фабриката, обвинувајќи ја за континуирано загадување на воздухот во Скопје.
„Нашата порака е јасна: нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот“, изјавија организаторите.
Заклучоци на Советот на Град Скопје
По 13-часовна седница, од „Зелен Хуман Град“ информираа дека Советот едногласно ја усвоил нивната иницијатива со следниве мерки:
-
- Град Скопје ќе побара од Министерството за животна средина да испита дали „Усје“ и другите индустриски загадувачи ги исполнуваат законските услови.
- Државниот инспекторат ќе спроведе ненајавени инспекциски надзори за утврдување на фактичката состојба.
- Општините ќе мора да ги земат предвид наодите при урбанистичко планирање.
- Градоначалникот ќе побара од Владата да разгледа постапка за дислокација на „Усје“ и други загадувачи надвор од скопската котлина.
Пред протестот, „Титан-Усје“ ги отфрли обвинувањата дека е главен виновник за загадувањето. Компанијата тврди дека работи согласно најдобрите достапни техники и стандарди на ЕУ и дека е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина.
„Компанијата работи одговорно и транспарентно, а реалните факти покажуваат дека причините за загадувањето се на друго место“, посочија од „Титан-Усје“.
Особено сложена процедура
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува одлуката на Советот на Град Скопје за иницијатива за дислокација на тешката индустрија, но предупредува дека дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која би траела со години. Прашањата за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти засега немаат временска рамка ниту финансиска конструкција.

„Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, велат од партијата.
ДОМ инсистира додека трае процесот на дислокација да се спроведат конкретни мерки кои даваат резултат веднаш како : јавен мониторинг во реално време, временско поместување на ремонтите, стоп за алтернативни горива, задолжително вградување на влажни испирачи, како и жестока контрола на малите оџаци – засилени инспекции и современа опрема за мерења.
„Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, порачаа од ДОМ.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место