ДИВАТА ОРДА ТРГНА ПО „ГЛАВАТА“ НА КАТИЦА

ДИВАТА ОРДА ТРГНА ПО „ГЛАВАТА“ НА КАТИЦА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Како одминува времето, така се крева и маглата околу најавените избори. Станува сѐ појасно оти власта и опозицијата немаат исти планови по тоа прашање. Независно што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ потпишаа договор за нивно одржување, што и едните и другите јавно се залагаат до нив да дојде. Првите на тоа се надеваат и го посакуваат, вторите стрпливо и тактички работат тие да не се случат.

Главната стратегија на ДПМНЕ за одлагање на изборите е заснована на рушење на легитимитетот на Катица Јанева, односно СЈО. Или поточно, не само на легитимитетот, туку и рушење на институцијата во целост. СЈО е најголемата главоболка на Грујо. Нему му е совршено јасно оти доколку Специјалното обвинителство ја истера работата онака како што планира, особено доколку се најдат храбри и одговорни судии кои ќе судат согласно Уставот и законите, што би рекла бившата прва полицајка, тогаш е голема веројатноста дека исходот на предвремените парламентарни избори ќе биде познат и пред нивното одржување.

Хајката против СЈО власта ја започна уште првиот ден од неговото формирање. Медиумските платеници и портокаловите вувузели на највулгарен и најпростачки начин вршат колективна дискредитација и на институцијата, но и на секој специјален обвинител поединечно. Разбирливо, најжестоките напади се насочени кон Катица. И тоа од две причини: првата, затоа што таа е лидер на тимот кој не ѝ дава мир на владејачката банда, и втората, заради добиениот впечаток дека Катица е најслабата алка во структурата на СЈО, воедно и најлесната за „отстрел“. И затоа дивата орда тргна во хистеричен лов на нејзината „глава“.

Таквата нивна процена уште повеќе беше бетонирана после интервјуто кое шефицата на „специјалните“ го даде за националниот сервис. Откако на шверцерски начин кодошите го изнесоа немонтираниот материјал од зградата покрај Вардар и им го поделија на куририте, како од времето на најжестокиот период на прогонот на Евреите од страна на фашистичкиот режим, домашните петтоколонаши кон Катица стрелаа со сиот расположлив арсенал.

Рафалната стрелба ја засилија за време на петдневното малтретирање на комисиската расправа за годишниот извештај за работата на СЈО. Арно ама, се покажа оти Груевци направиле грешка во чекори…

Маратонските ламентации на Владанка, Солза, Антонио, Влатче и останатите режимски труби се одбија како од ѕид после лаконските реплики на Јанева. Нејзиниот најдобар одговор на нехуманиот однос на режимските гавази именуван како „Трезор“, дојде во средата. Денес, утре и во деновите кои следат кучињата ќе продолжат да лаат. Меѓутоа караванот, порано или подоцна, ќе стигне до целта…

Игрите и играриите на двоецот Грујо-Али за инсценирање кавги во контекст на креирање атмосфера за одлагање на изборите, се толку многу провидни што стануваат банални! Тоа е само уште еден доказ дека современите „Боро и Рамиз“ се предолго на власт, дека владеењето со ваков безидеен и нерешителен народ им ја одзело и таа малку креативност што ја имале.

Веќе виденото сценарио започна со наводната „кавга“ помеѓу Талат Џафери и Влатко Ѓорчев на комисиската седница. Објавувањето на нови прислушувани разговори од страна на „неименувани косовски извори“ на кои се слушаат гласовите на лидерот и највисоките функционери на ДУИ, е исто така дел од најавената драмолетка.

Она што допрва ќе следува ќе биде нешто во стилот на меѓуетнички тепачки во автобусите на градскиот превоз, националистички скандирања на навивачките групи на спортските натпревари, проблематизирање на вишокот гласачи во шестата изборна единица како и „енергични“ настапи на пратениците на Тачи за време на расправата за буџетот за 2017 година, кога тие „остро“ ќе се спротивстават на таквиот буџет за кој ќе констатираат дека е дискриминирачки и антиалбански…

До закажаниот датум на изборите остануваат 70 дена. Ви асоцира ли атмосферата во државата на предизборна? Се случува ли нешто на терен? Сте забележале ли било какви активности кои наликуваат на кампања? Можеби вие сте регистрирале нешто што мене ми избегало од видокругот…?

Секој поминат ден со актуелната владејачка гарнитура за граѓаните е жив зијан. Со секој нов ден тие се сѐ посиромашни, а државата сѐ поблиску до бездната. Она што некогаш се викаше емиграција, во Македонија одамна ги има попримено сите елементи на евакуација.

Изборите, со сите салтанати кои ќе асоцираат на демократски, се неопходни како леб. И затоа не е прашањето дали ќе ги има, туку кога?

Автор:

Чеге Вара                     Прилеп, ебаго!…….(129)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …