Дивите животни гинат на патиштата додека го чекаат првиот зелен премин во земјава

Дивите животни гинат на патиштата додека го чекаат првиот зелен премин во земјава

Балканскиот рис често го поминува патот од Гостивар кон Кичево, сообраќајница која го пресекува неговото природно живеалиште. Снимките од мрежата на Македонското еколошко друштво покажуваат дека ова критично загрозено животно секојдневно ризикува да заврши под тркалата на возилата во обидот да се движи или да обезбеди храна. Пресекувањето на живеалиштата на рисот, но и на другите диви животни со брзи патишта е реалност за која тешко наоѓаме решение. Голем дел од патиштата се градени пред повеќе децении, а на некои од нив не се превидени ниту вијадукти, ниту тунели кои би обезбедиле природен премин за животните. Во земјава нема ниту еден зелен мост изграден на веќе постоечки пат иако тоа е веќе редовна практика не само во европските, туку и во земјите на Балканот.

„Зачувувањето на критично загрозените видови како што е балканскиот рис мора да претставува приоритет и секогаш кога се планира сообраќајница, мора да се посвети особено внимание на обезбедување на нивното безбедно движење“, апелира Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, а како пример тој ја посочува делницата Гостивар- Кичево која минува низ националниот парк „Маврово“ токму во неговата територија.

Југоисточниот дел од Европа во последните години засилено инвестира во патна инфраструктура со што фаќа чекор со развиениот дел од континентот, но истовремено ги внесува и негативните страни од овој тип на развој и инвестиции. Тоа се фрагментациите на стаништата и живеалиштата на дивите животни, што значи и смртни случаи на дивиот свет на патиштата, како и одвојување на популациите на животни, кои се спречени да комуницираат, што резултира со нарушување на нивната генетска варијабилност. Кај нас веќе постојат проекти за два пилот коридори во чија изработка учествува и МЕД, преку кои се тестираат специфичните мерки кои се преземаат при фрагментација на стаништата и потребата од зелени мостови.

„Крупните цицачи се оние кои имаат најголема потреба од зелените премини. Тоа се животни кои се движат низ огромни територии и имаат потреба од слободни премини, а повеќето се меѓу најзагрозените видови бидејќи нивниот број е многу мал. Заради тоа, секоја несреќа на сообраќајница за нивните популации е голем ризик и влијае на нивната бројност“, вели Меловски.

Сепак, во многу голем број жртви се и помалите диви животни како лисиците, куните или дивите мачки кои страдаат на регионалните патишта, каде брзо се вози, а нема заштитни огради како на автопатите. Страдаат и екстремно ретки животни за овие простори, како шарениот твор, степско животно од Централна Азија, за кое се дознало дека живее на нашите простори преку двата случаи на згазени животни документирани годинава.

Македонското еколошко друштво во 2011 година ја изработи Националната еколошка мрежа МАК-НЕН, во која се дефинирани елементите на еколошката мрежа, како јадровите подрачја, заштитните појаси, линиските коридори, коридорите со премини и слично. Во неа се утврдени локациите каде државните патишта се пресекуваат со линиските коридори од еколошката мрежа и каде, уште во фазата на проектирањето на патиштата и спроведувањето на постапката за оцена на влијанието врз животната средина, треба да се предвидуваат посебни мерки за намалување на влијанието на инфраструктурата врз еколошките коридори.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека во овој момент на ниту еден проект за планирање на нов патен правец не е предвиден наменски зелен мост како премин за диви животни, но не исклучуваат дека таа можност ќе биде искористена во иднина.

„Анализирани се критичните делници каде постојат коридори на еколошката мрежа и каде се поставуваат други објекти на патот кои ја вршат таа функција, како тунели, односно природниот премин над тунелите, вијадукти, мостови, премини, потпатници и слично. Во иднина не е исклучена можноста од поставување и на наменски зелен мост на патна делница за која ќе се утврди потреба од стручните лица“, велат од Државни патишта.

Од јавното претпријатие потвдуваат дека годинава се идентификувани два пилот коридори за зелена инфраструктура од страна на Македонското еколошко друштво, Министерството за животна средина и просторно планирање и консултантската компанија ДЕКОНС-ЕМА во рамки на проект финансиран од GEF и UNEP на кои се посочени две локации на кои е потребно да се воспостават зелени мостови заради фрагментација на живеалиштата.

Една од локациите е пределот Кожуф – Мариово – Јакупица кој се сече со патниот превој „Плетвар“ на делницата Градско – Прилеп и втората е делот Јакупица – Национален парк „Маврово“, каде патниот превој „Стража“, односно новата траса на планираниот автопат Гостивар – Кичево ги двои живеалиштата. Овде, посочуваат од Државни патишта, ефектот на зелен мост може да се постигне и со тунелско решение.

„Во иднина треба да се обезбедат финансиски средства за реализирање на овие пилот проекти за зелени мостови во рамки на проектите за изградба на патните делници или како посебни проекти на постојната патна мрежа“, информираат од Јавното претпријатие.

Од Министерството за животна средина велат дека немаат статистиката колкав број диви животни гинат на патишта низ земјава, но дека се работи на нивната заштита и обезбедување на безбедно движење. Во новата ЕУ- ИПА програма, посочуваат, планирани се активности за подобрување на еколошките коридори како и изградба на првиот зелен мост во нашата држава.

„Изработени се и два национални извештаи и еден прирачник за еколошки коридори, како дел од Предлог-националната еколошка мрежа МАК-НЕН за коридорите Буковиќ – Сретково и Буковиќ – Колари и Дрен – Витолиште и Козјак (Плетвар) и Селечка Планина, а снимани се и две видеа за еколошки коридори“, велат од Министерството.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …