Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), презентирани на јавна седница и пренесени преку медиумите, во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Наместо да придонесе за поголема транспарентност и борба против корупцијата, Платформата смета дека ДКСК испраќа загрижувачки сигнали за затворање на институциите и ограничување на правото на јавноста да знае.
Ограничување на транспарентноста и ризик од корупција
Една од клучните препораки на ДКСК е преиспитување на членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки. Според ДКСК, поимот „целокупна документација“ не е доволно прецизно дефиниран, што може да доведе до објавување доверливи информации и повреда на правата на трети лица.
Платформата укажува дека досегашната примена на Законот овозможила зголемена транспарентност и пристап до релевантни документи, што помогнало да се откријат и спречат злоупотреби во тендерски постапки. Дополнително, заштитата на доверливите податоци веќе е регулирана во Законот за јавни набавки, а и во Законот за слободен пристап се предвидени исклучоци за заштита на информации со степен на тајност.
Платформата потсетува дека во јануари 2025 година веќе било направено уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки со укинување на управната контрола што ја спроведуваше Бирото за јавни набавки. Во вакви услови, кога корупцијата во јавните набавки е широко распространета, препораките на ДКСК за ограничување на транспарентноста се оценети како штетни и ризични.
Препораки што влијаат врз независноста на институциите
ДКСК препорачува воведување постапка и утврдување рокови за разрешување на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговиот заменик пред истекот на мандатот. Платформата оваа препорака ја смета за политички мотивирана, бидејќи доаѓа непосредно по обидите во Собранието да се донесат измени за предвремено разрешување на директорот.
Платформата потсетува дека независните регулаторни тела имаат подолг мандат за да бидат заштитени од политички влијанија, а во Законот веќе е регулирано кој ја презема функцијата во случај на престанок на мандатот. Единствениот аргумент на ДКСК за оваа препорака, односно „евентуално одолговлекување и неизвесност“, не се смета за доволно основан.
Критика за препораките за објавување информации
ДКСК укажува дека нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени, ниту на кој начин и во кој формат. Платформата реагира дека Законот за слободен пристап веќе детално ја уредува формата и форматот на информациите, како и исклучоците. Сите информации што ги создаваат институциите, освен оние со законски исклучоци, се информации од јавен карактер, а постои и обврска за „активна транспарентност“, односно за објавување на информации без барање.
Дополнително, Платформата смета дека препораките на ДКСК се нејасни и не ја земаат предвид најавената подготовка на Законот за отворени податоци, кој треба да ги уреди овие прашања.
Задоцнети препораки и недоволна вклученост на јавноста
Платформата посочува дека ДКСК дава препораки за Законот за слободен пристап во време кога веќе се одвиваат јавни консултации за неговите измени. Дополнително, се забележува дека во процесот на антикорупциската проверка не е обезбедена соработка со граѓанското општество, што ја намалува независноста и објективноста на анализата.
Апел до институциите
Платформата ги повикува Министерството за правда и Собранието да ги земат предвид постојните законски механизми и да не подлегнуваат на насоки што ја ограничуваат транспарентноста, која е клучна алатка во борбата против корупцијата. Антикорупциската проверка на законите треба да биде превентивен механизам за детектирање и спречување на корупциски ризици, а не средство за ограничување на јавниот пристап до информации.
„Со вакви насоки, ДКСК не само што не го унапредува системот за спречување на корупција, туку ризикува да даде легитимитет за политики и практики што водат кон заробување на институциите и недостапност на информациите од јавен интерес,“ порачуваат од Платформата.